Жителите на селата Копаница и Бојане во Опшина Сарај, што се оддалечени не повеќе од три километри од изворот Рашче, и во 2021 година немаат редовен пристап до водата за пиење, а најголемиот апсурд е во тоа што од овој извор дневно со вода за пиење се снабдуваат над 500 илјади граѓани на Скопје. Жителите на селото Копаница, кога зборуваат за овој проблем креваат раменици и истакнуваат дека само дел од селото во текот на целата година може редовно да сметаат на вода за пиење.

Недостигот на вода најмногу го чувствуваат жителите од горниот дел на селото. Меѓутоа дел од нив признаваат дека има и злоупотреби на системот на снабдување со вода. Според нив, дел од несовесните жители на селото го користат системот за водноснабдување за наводнување на нивите. Воедно, подолг период нивните домови не ги посетил инкасатор за да ги чита броилата за вода.

Активистката за животна средина Петра Поп Христова, кој е доктор на науки по акватична екологија за МИА вели дека нефукционалноста со водоснабдувањето во државата е проблем на целиот сектор води, односно на водоснабдувањето и одведувањето и третманот на отпадните води. Според неа, проблемите со водоснабдувањето се од три причини, а како прва го наведува недостигот на финансии.

– За секторот води се потребни огромни финансии затоа што се работи за инфраструктурни зафати. Според последните анализи, за да се подобри целокупниот сектор на води потребни се 1,5 милијарди евра. Овие пари верувам се недостижни за нашата држава и порадо за тоа е потребна помош од странски инвестиции, изјави Поп Христова.

Следен фактор што влијае врз управувањето со секторот води, според Поп Христова, е тоа што надлежностите над водните ресурси ги имаат повеќе министерства во државата и тоа спречува да се постигне едно поедноставно и интегрирано управување со водните ресурси.

– Негативно кон подобрувањето на управувањето со води всушност влијаат и недоволните капацитети на самите институции, како на национално, така и на локално ниво. Доколку се преземат активнсти за решавање на овие три проблеми верувам дека значително може да се подобри секторот води, односно од мометалната покриеност од 78 проценти со водоводна мрежа на популацијата во Македонија, да се постигне едно задоволитено ниво од 90 и нешто проценти, вели Поп Христова.

Населните места од видот на Копаница и Бојане во Општина Сарај, селото Никиштане во Општина Ѓорче Петров или пак селата околина на Арачиново, во недостиг на ефикасен систем на водоснабдување се одлучваат на алтернативни извори на води, што според експертите може да бидат проблематични за здравјето на човекот.

Активистката Петра Поп Христова, во однос на ова прашање прави споредба меѓу јавната водоводна мрежа и алтернативните извори на вода.

– Во јавната водоводна мрежа питката вода нон стоп се мониторира, односно квалитетот на водата се проверува. Тоа го немаме кај индивидуалните, односно алтернативните извори на снабдување со вода, како што се бунарите или селските водоводни системи. Тие не се постојано надгледувани, така што всушност никој не може да гарантира за квалитетот на таа вода, односно таа вода може да биде опасна по здравјето на луѓето, да содржи тешки метали или пак да содржи бактери што може да предизвикат зарази, изјави Поп Христова.

Градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, зборувајќи за МИА, за проблемите со водоснабдувањето со кој се соочуваат неколку села во рамки на ова скопска општина, вели дека тие со сопствени средства и дел од средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, почнале со изградба на првиот резервоар во населеното место Рашче, во вредност од околу 6 милиони денари. Овие денови како што истакна тој треба да продолжи финансирањето и од Министерстово за транспорт и врски, што опфаќа една сума околу 50 милиони денари, односно изградбата на овој резервоар се очекува да биде првата точка на решавање на проблемот со водоснабдување за повеќе населените места во територијата на Општина Сарај, кој реално имаат проблеми со водата за пиење.

– Проблемот со водата за пиење се дели на два дела. Прво од непотребната прекумерна употреба на водата, каде има и граѓани што ја злоупотребуват водата за пиење, но и од проширувањето на населените места, при што иако реално постои систем аа водноснабдување има недостиг на потребниот притисок на водата за пиење, изјави Беџети.

Општина Сарај, според најавите на градоначалникот Беџети, има преземено и други мерки за долгорочно решавање на ова прашање и има подготвено проект кој може да почне со реализација.

– Ќе изградиме нов резервоар во село Копаница и замена на цевките од Рашче до Бојане, согласно проширувањето на населеното место. Тие ќе бидат за потребите на денешото време и конечно со изградба на овие резервари и замената на цевките не само што ќе биде решен проблемот овие три села, туку и за селата Ласкарци и Буковиќ, односно најважно е што во иднина со ова мрежа што ќе биде изградена (резервоарот во Рашче е веќе почнат), ќе може во системот за вода за пиењеда да се приклучат и жителите на селата Чајлане и Семениште, рече Беџети.

Од градскиот водовод во однос на прашањето зошто селата во близана на изворот Рашче, немаат редовен пристап до водата за пиење, велат дека континуирано се работи на подобрување на водоводната и канализациската мрежа во сите делови на Градот Скопје.

– Инвестициите во таа насока се насочуваат кон сите општини кои се дел од Град Скопје. Последната инвестиција во Општина Сарај, реализирана во соработка на ЈП „Водовод и канализација“ беше насочена кон изградба на резервоар со капацитет од 250 кубни метри во Горно Свиларе и проширување на капацитетот на резервоарот во Долно Свиларе, по што следува и поставување на опрема за автоматска работа на пумпите, со што ќе се овозможи спојување на системот на Долно Свиларе со системот на Горно Свиларе, изјавија за МИА од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Воедно, од таму апелират за рационално користење на водата, особено во летниот период кога преовладуваат високи температури, но испраќаат и апели да не се злоупотребува водата за пиење и таа да не се користи за наводнување на ниви и полевање на дворни површини.

Анализите на Институтот за комуникацискии студии кажуват дека највисока покриеност со централизирано снабдување на вода има во Скопскиот регион (околу 91 процент), додека најниска покриеност има во Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот регион (66 до 75 проценти)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.