Симболот на првото знаме на независна Македонија, Сонцето од Кутлеш, денеска се отстрануваше од шахтите на улицата „Никола Кљусев“ кај МЕПСО во Скопје.

Во понеделникот владата им препорача на единиците на локалната самоуправа да ја почитуваат обврската од член 8 став (3) од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и да пристапат кон отстранување на симболот на Сонцето на Вергина од сите јавни места и јавна употреба.

Денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски изјави дека Одлуката на Владата за отстранување на симболот на Сонцето од Вергина се импелементира сега согласно Преспанскиот договор.

На новинарско прашање за општините кои на своите знамиња и грбови го имаат Сонцето на Вергина, министерот за локална самоуправа смета дека тие треба да ги променат симболите.

Се согласувам дека тие треба да ги променат симболите, а мислам дека за спомениците кои се во некои градови треба само да се обележи дека тоа е споменик од античкиот период, од еленистичкиот период. Не да се отстрануваат, туку во фуснота да се наведе од кој период е конкретниот споменик. Мислам дека тие се неколку, за Битола, Прилеп, како спомениците од Александар Македонски, Филип Втори итн, посочи Милевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.