Од утринава се работи на расчистување на патот што води од Нерези до манастирот Свети Пантелејмон од наноси земја и песок предизвикани од невремето и поројниот дожд.

Како што информираат од општина Карпош, екипи на локалната самоуправа од пред 7 часот наутро работат на расчистување на патот од Нерези до Свети Пантелејмон.

Интензивните поројни дождови и ветришта што ја зафатија Општината и Градот деновиве, нанесоа намети од песок и земја долж коловозот кон манастирот Свети Пантелејмон во Горно Нерези – соопштуваат од општинската прес-служба.

Оттаму информираат дека повеќе од 40 комунални работници од Карпош во текот на целиот ден го расчистуваат коловозот од Средно до Горно Нерези, како и попатните паркинзи се до големиот паркинг околу манастирскиот комплекс.

Се отстрануваат наноси од скршени гранки, земја и песок кој се собрале од поројните дождови и водите од Водно – соопштуваат од општината.

Според нив, манастирскиот паркинг и коловозот треба целосно да бидат расчистени во текот на денешниот ден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.