Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ)  донесе одлука со која предложи  нова максимална и минимална тарифа за цената на водата  во Скопје и доколку се прифати максималната, водата ќе поскапи за 29,5 денари на месечно ниво, а ако се прифати минималната цената би останала речиси иста. Одлуката, најави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, ќе биде доставена до Водовод Скопје чиј Управниот одбор ќе донесе заклучок за којшто ќе треба да гласа Советот на Град Скопје. Целата постапка за одлучување треба да биде завршена во рок од 150 дена.

Постоечката цена за домаќинствата изнесува 31,87 денари. Со нашата одлука минималната тарифа предлагаме да изнесува 31,53 денари, тоа е одредено минимално намалување кое што се должи на фактот што помошта која што ќе се дава со пониска цена на електрична енергија ќе продолжи и во следниот период, а максималната тарифа изнесува 34,82 денари. Минималната тарифа е пониска од постоечката, а максималната е повисока за девет проценти. Ако се прифати максималната тарифа, може да има зголемување од 29,5 денари на месечно ниво. Сметам дека 29,5 денари или 30 денари не претставува никаков проблем за претпријатијата, односно за граѓаните. Тоа се само 30 денари на месечно ниво, тоа е доколку се реши Водовод и канализација Скопје понатака и Советот да се прифати максималната тарифа, објасни Бислимовски.

Тој нагласи дека кога одлучуваат за трошоците кај комуналните претпријатија не ги признаваат неоправданите, односно ги признаваат исклучиво економски оправданите трошоци со цел граѓаните да плаќаат за трошоци коишто мора да ги има секое претпријатие.

Притоа кога ќе ги носиме нашите одлуки во наредниот период ќе водиме сметка тие да бидат во рамките коишто ќе може да овозможат да не се политизира прашањето со цените на водните тарифи, рече Бислимовски.

Претседателот на РКЕ посочи дека откако предлогот ќе биде доставен во Скопски водовод, тие имаат право врз основа на рангот меѓу минималната и максималната тарифа да донесат своја одлука која што потоа ја доставуваат до Советот на Град Скопје на одобрување.  

Тој потенцираше дека со минималната тарифа можно е да има намалување на цената на водата и дека тоа зависи во крајна линија од Водовод и канализација и од Советот на Град Скопје.

Доколку се решат за минималната тарифа, нашата предложена минимална тарифа е одредено намалување на цената на водата во Градот Скопје. Најголем дел од претпријатијата коишто поднесуваат барања до РКЕ поднеле барање поради тоа што имаат зголемени трошоци за електрична енергија и во најголем дел од нивните барања овие трошоци за електрична енергија кога си ги препресметувале претпријатијата ја земале предвид цената на електрична енергија на берзата ХУПЕКС. За среќа, во изминатиот период имаме цена на електрична енергија кај овие јавни комунални претпријатија која што ја обезбедува ЕСМ Продажба и истата изнесува 95 евра за мегават час што придонесе да се среди ситуацијата кај јавните комунални претпријатија имајќи во предвид дека месеците август и септември беа критични кај нив. Имаше јавни комунални претпријатија коишто беа на слободниот пазар и нивните трошоци за електрична енергија на месечно ниво беа поголеми од вкупните приходи коишто би ги остварило една претпријатие, рече Бислимовски и доаде дека во целиот овој процес сите јавни комунални претпријатија коишто членуваат во нивното здружение АДКОМ добија целосна поддршка од РКЕ која беше меѓу иницијаторите овие јавни комунални претпријатија да добијат цена на електрична енергија со која што би влијаела на подобрување на ликвидноста на овие претпријатија.

Тој посочи максималниот рок во којшто треба да заврши целата постапка е 150 дена.

Значи, оваа наша одлука во моментов нема да се имплементира. Таа треба да помине низ органите за одлучување во Водовод и канализација и нивниот Управен одбор треба да достави предлог до Советот на Град Скопје. Од денот на носење на нашата одлука до носењето на конечната одлука на Советот на Град Скопје максимумот е 150 дена, рече Бислимовски.

Осврнувајќи се на другите комунални претпријатија во земјава, рече дека  сите имаа одреден недостиг на средства заради зголемените трошоци, но оти треба да се испрати сигнал и кај овие комунални претпријатија да ја подобрат својата ефикасност.

Не може целиот товар да го префрлиме кај граѓаните поради тоа што би се зголемила нивната цена за водни услуги. Секој треба да си преземе одговорност во целиот дел и фактот од којшто не можеме да бегаме сите овие јавни комунални претпријатија во државата се превработени. Јас само би сакал да ви дадам еден пример во електродистрибуција, компанија која што прави дистрибуција на електрична енергија во целата држава работат околу 1 750 вработени. Јас ви гарантирам ако ги земеме петте најголеми града во државата во овие водоводни претпријатија работат околу 5 300 до 4 000 луѓе.  Секој си определува колку се потребни, ама јас не верувам – тоа е мрежна услуга, индикатор има, треба да се внимава дека ако може една дејност како што е дистрибуција на ниво на една цела држава со 1 700 до 1800 луѓе потребно е кај јавните водоводни и комунални претпријатија да се подобри ефикасноста во работењето, нагласи Бислимовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.