Приватното средно училиште „Арс студио“ бара да го изнајми новото основното училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во скопската Општина Центар. На 24 ноември лани до училиштето е поднесено барање, по што директорката ги запознала членовите на училишниот одбор. Минатиот месец, за идејата средношколци од приватно училиште да учат заедно со основци во новото училиште биле известени и родителите кои остро реагирале и побарале иницијативата веднаш да се отфрли, објави САКАМДАКАЖАМ. МК.

Родителите досега испратиле неколку петиции кои ги доставиле до училиштето, до градоначалникот на Општина Центар, до Советот на Општина Центар и до Министерството за образование.

Педесет години чекавме да се изгради школо во Капиштец, таман го добивме и сме горди што е најмодерно во државата, сега сакаат да го изнајмат на приватна гимназија. Неприфатливо е ваквото барање бидејќи ќе доведе до мешање на деца од различни возрасни групи со различен емотивен, физички и социјален развој. Тое е несоодветно, дури помалку и скандалозно. Од овие причини постојат посебни објекти за осново, средно и високо образование. Вакви важни одлуки кои е однесуваат на нашите деца и на нашето училиште, кое е изградено со наши пари, не смее и е недозволиво да се носат без општ консензус на сите засегнати страни. Ниту училиштето, ниту Општината, ниту пак Министерството за образование не смеат да имаат ексклузивност во носење на одлуката. Училиштето ‘Киро Глигоров‘, треба да остане училиште за основно образование, во кое нашите деца непречено ќе бидат образувани и воспитувани од наставниот кадар и ќе се дружат со своите врсници како што им прилега на нивната возраст, велат родителите кои до редакцијата на САКАМДАКАЖАМ. МК ги доставија петициите поднесени против барањето.

Тие велат дека имале состанок и со градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ кој ја прифатил иницијативата да се изнајми училиштето ако децата учат во различни смени.

Богдановиќ за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тој не одлучува за овој предлог туку училишниот одбор. Во училишниот одбор членуваат наставници од училиштето, советници од неговата партија во Советот на Општина Центар и претставници на родителите. Директорката на училиштето ја назначува Општина Центар и тој како градоначалник.

Повеќе на САКАМДАКАЖАМ.МК

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.