Во март минатата година Тина Петрушевска беше назначена за директорка на ЈП Лајка, стационар за вдомување на бездомни животни, кој до ден денеска се уште не профункционира. Оттогаш се поминати 18 месеци, за кои на директорката и се исплатуваат плати за раководство на непостоечко претпријатие.

Во претпријатието има уште седум други вработени, коишто чекаат да добијат задолженија за работа, како би ги оправдале платите кои редовно ги земаат.

Како што пишува „Слободен печат“, дополнителен револт кај згрижувачите на уличните кучиња предизвика и неодамнешната објава на Асоцијацијата на активисти за права на животните во која се гледа дека значителна сума на средства е издвоена за опремување на стационарот.

Лајка до сега милион пати требаше да биде отворена и да се третираат кучињата на хуман начин залови-стерилизирај-врати на локација, а не да се дозволи неконтролирано размножување на кучињата и стварање глутници по улиците, а со тоа и раст на револтот на луѓето кој никогаш не бил поголем – реагира една од активистките за права на животните.

Директорката на Лајка, кратко одговора за „Слободен печат“ дека прави јавни набавки со одлука од Управен одбор на претпријатието.

Во моментов ги правиме последните подготовки и очекувам многу наскоро Лајка да почне да работи. Што се однесува на набавките, тие се прават со одлука на Управниот одбор – вели Петрушевска.

Активистката за права на животните и советник во Град Скопје, Драгана Велковска за „Слободен печат“ вели дека поднела барање за разрешување на в.д. директорката на Лајка поради злоупотреба на службената должност.

Таа барањето за разрешување го објави и на нејзиниот личен фејбук профил

Поднесов барање за разрешување на в.д. директорката на ЈП Лајка до градоначалникот поради скандалозната злоупотреба на службената положба за која јавноста дозна од здружението „Daisy Family Rescue“ и поради очигледното сомнително трошење на јавни пари – објави Велковска.

Барањето за нејзино разрешување е поддржано од осум скопски здруженија за заштита на животни и од 13 национални здруженија и активистички групи за заштита на животни кои се солидаризираа со скопските активисти.

Активисти од цела Македонија бараат нејзино итно разрешување и именување на долгогодишен активист-волонтер за заштита на животните кој ужива углед меѓу активистите и кој од нив ќе биде номиниран, се вели во барањето на Велковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.