Бојкотот во ООУ Љубен Лапе од Скопје од вчера е официјално прекинат, соопштија од Советот на родители. Причината за прекинот на бојкотот е отпочнување на разрешување на целиот случај со наставничката за која се бараше замена.

Како што сме информирани обезбеден е заменски наставник по предметот математика од друго училиште, а во врска со проблемот со претходната наставничка Анета Костоска, училиштето презема активности и постапува согласно дадени насоки од Државниот просветен инспекторат (по поднесени пријави од родители и од Советот на родители) и оттука за било какви детални податоци во однос на целиот случај да ги обезбедите преку раководството и стручните соработници на училиштето. Би сакале да ја искористиме оваа можност искрено на сите медиуми да се заблагодариме за поддршката и интересот за нашиот проблем, во однос на објективно, транспарентно и непристрасно информирање на јавноста. Убедени сме дека без Вас, ќе беше отежната нашата „битка” за разрешување на овој долгогодишен и континуиран проблем со кој се соочуваа родителите и учениците, се вели во соопштението од Советот на родители.

Од таму додаваат дека ги охрабруваат родителите и наставниците редовно да ги пријавуваат сите девијантни појави кои се сѐ повеќе присутни во училиштата, а ние како Совет на родители нема да останеме неми на ниту еден проблем кој ги засегнува учениците, наставниците или родителите од нашето училиште.

Бојкотот на наставата по предметот математика во три паралелки од шесто одделение во основното училиште „Љубен Лапе” беше поради барање да се најде замена за наставничката Анета Костоска, поради чие однесување со децата незадоволството на родителите прерасна во организирано барање до надлежните за итно решение.

Ние не бараме наставничката Костоска да биде избркана од работа, таа е самохран родител, туку предлагаме надлежните да ѝ најдат соодветна работа врз основа на нејзиното образование и стручност. Слушаме дека се работи за квалитетен математичар. Проблемот е во нејзиниот однос кон децата, каков што е недозволив за една воспитнообразовна институција. Мора на надлежните во прв план да им бидат децата, изјави претходно родител.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.