Советот на Град Скопје на денешната седница ја усвои Одлуката за изменување и дополнување на ценовникот на услугите што ги извршува ЈП „Градски паркинг“. Со усвоените измени на оваа одлука ќе поскапе паркирањето за вработените во Клиничкиот центар, односно вработените во Клиничкиот центар наместо 300 ќе плаќаат 800 денари месечна карта за паркирање во комплексот на Клиничкиот центар.

Градоначалникот Шилегов истакна дека се укинува повластената цена од 300 денари и се врши усогласување со цените што ги плаќаат граѓаните за услугите на ЈП „Градски паркинг“ во насока на регулирање на сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар.

На Клиничкиот центар заради евтин популизам се издадени 1.500 месечни карти за кои вработените плаќаат повластени 300 денари во услови кога на паркингот има 670 места. За пациентите или корисниците на услугите на ЈП „Градски паркинг“ на Клиничкиот центар цената останува иста – изјави Шилегов.

Шилегов потенцираше дека зголемувањето на цената на месечната карта за вработените ќе придонесе да се намали сообраќајниот хаос во рамките на Клиничкиот центар во ситуација кога се издадени 1.500 месечни карти за вработените, а граѓаните немаат каде да паркираат.

Претходно Синдикатот на Клиничкиот центар„Мајка Тереза“ реагираше на најавеното поскапување на паркинг местата .

Планираното покачување на паркинг местото во кампусот клиники “Мајка Тереза“ за 500,00 денари месечно со кое истото ќе изнесува 850,00 денари месечно, најмногу ќе ги погоди вработените од социјално најранливата категорија, чија бруто плата изнесува 17,883.00 денари, односно 12,503.00 денари нето плата, реалниот месечен приход со кој располагаат. На овој начин, оваа социјално најранлива категорија вработени треба приближно еден месец во годината да работи за да го плати паркинг местото на своето возило за време на извршување на своите работни обврски – велат од Синдикатот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.