Градоначалниците поделени – за едни решението за проблемот со енергетската криза е во владата, за други во инвестирањето во обновливи извори на енергија. Градоначалникот на Тетово Билал Касами вели дека владините препораки за штедење се смешни и апсурдни, а излезот од кризата го гледа во најавената даночна реформа на Владата, со која побогатите ќе плаќаат повеќе. Касами најави зголемување на цените на комуналиите за градба.

Најпогодени во кризата се локалните комунални претпријатија. Нивните месечни сметки за струја се повисоки од вкупниот месечен прилив. Градоначалникот на Штип Иван Јорданов за годинава не размислува да ја зголеми цената на водата, но ако владата не преземе нешто, вели дека од следната година тоа ќе се случи.

Да ги засукаме ракавите и да работиме, а не да се жалиме, вели градоначалникот на Валандово Перо Костадинов. Тој излезот од кризата го гледа во инвестирање во фотоволтаици и обвновливи извори на енергија. Првиот човек на Кавадарци Митко Јанчев денеска се пофали дека ваквата инвестиција веќе носи резултати.

Пред неколку дена и велешкиот градоначалник Марко Колев најави дека против енергетската криза ќе се бори со поставување фотоволтаици. Пред две недели асоцијацијата на комунални претпријатија АДКОМ предупреди дека над милион граѓани може да останат без вода за пиење, а над 15 илјади вработени на улица, ако државата не ги намали сметките за електрична енергија. Засега, од владата нема најави за конкретна помош.

Извор: ТВ24

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.