Пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, поединци или групи кои неовластено влегуваат во Зоолошката градина, но и обид да се обие влезната врата од благајната. Ова се само дел од проблемите со кои во изминатиот период се соочува раководството и вработените во скопската Зоолошка градина.

Како што информира директорот на ЈУ „Зоолошка Градина Скопје“, Кристијан Стаменов на 10.04.2022 поединци направиле неовластен влез на група од дванаесетина луѓе, петнаесет минути пред затворање на градината. Како што објаснува директорот, појавата на овој проблем уредно е пријавена и на лице место се повикани претставници од Министерството за внатрешни работи за да направат увид во неовластениот влез на групата луѓе.

На 28.04.2022 од службите во Зооолошката градина е направен увид во живеалишатта на животните и е констатирано дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамки на просторот во зоолошката градина. Истото е пријавено и констатирано рано утрото од страна на зоо негувателите кои дошле на работа дека се работи за видливо и намерно пуштање на неколку животни од нивните живеалишта – објаснува Стаменов.

Вечерта пак, по рекордната посетеност во Зоолошката градина со над 14.000 посетители, на 09.05.2022 во 00:30 часот имало обид да се обие влезната врата од благајната на ЗОО.

Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврати се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, снимениот поединец останал само на обидот, затоа што како што се гледа на снимката не можел да го обие влезот на билетарата и благајната по што настаната е незначителна материјална штета. Истиот настан веднаш по случувањето уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош. Покрај тоа што сите овие настани се пријавени до надлежните органи за постапување, односно до Министерството за внатрешни работи, зголемена е будноста кај персоналот, а дополнително е зголемено и обезбедувањето во ноќната смена – информира директорот на ЗОО Скопје.

Од Зоолошката градина остро ги осудуваат сите овие обиди за да се наштети на како што велат нивната работа, но и на безбедноста на животните.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.