Навршуваат 4 години од локалното владеење на градоначалникот Саша Богдановиќ во Општина Центар. Како и секоја одговорна локална власт, така и локалната власт на Општина Центар треба да биде достојна на граѓаните која ја избрале и им ја дале својата доверба, и да објави отчет за сработеното, изјави на денешната прес конференција, Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани сограѓани, каков отчет, и какво домаќинско работење ќе објави градоначалникот Саша Богдановиќ, кога:
– Ветуваше ревизија на ДУП-ови во рок од 6 месеци до една година, но истото не е направено.
– Во својата предизборна кампања на граѓаните им вети конечен стоп на урбаниот хаос кој владее во Центар, воведе мораториум за градба, кој не се спроведе доследно. Во Центар сеуште владее хаос, се гради на секој чекор без план за непречено извршување на секојдневните обврски на граѓаните.
– Вети нов Урбан парк во Општина Центар, вети кула за прочистување на екстремно загадениот воздух, но жителите на Општина Центар, ниту уживаат во урбаниот парк, ниту дишат чист воздух!
– Со цел решавање на проблемот со недостигот на места во градинките вети современа градинка од Маџир Маало, која очигледно беше само уште една лага за придобивка на гласови, која за жал успеа, а излажаните гласачи градинката не ја добија.
– Тој вети нова сала за работнички, со која само ги излажа граѓаните, на младите им вети кино на отворено кое исто така не го гледаме, посочи Попов.

Како локалната власт ќе ги оправда нивните нереализирани проекти, и како ќе ја побара поддршката од граѓаните на претстојните локални избори, кога градоначалникот Саша Богдановиќ нема реализирано ниту еден капитален проект кој го вети, и со кои ги доби гласовите на граѓаните на општина Центар? Уште еден мандат каде што ги заборавивте младите, уште еден мандат каде што ги заборавивте родителите и невработените, вели тој.

Попов посочи дека ситните лаги на предизборните ветувања, силните амбиции и големата самоувереност кои што граѓаните ги видоа во предизборието, беа заборавени кога Богдановиќ седна во градоначалничката фотелја и спроведувал одвреме – навреме ситни проекти со кои само ги залажува граѓаните на општина Центар.

Тие не заслужуваат потценување и не заслужуваат вакво владеење! Дали сега уште еднаш ќе излезат со веќе слушнатата флоскула дека ВМРО–ДПМНЕ сака да шири дезинформации, или пак ќе кажат дека до крајот на нивниот мандат се ќе биде реализирано? Господине Богдановиќ, заврши времето на лаги и заврши времето на недомаќинско владеење! Граѓаните на Општина Центар не заслужуваат урбан хаос, неквалитетен живот и најважно од се, не заслужуваат лаги, додаде Попов.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.