Првпат во историјата на Град Скопје денеска е напишана првата кривична пријава за неовластено фрлање смет. Станува збор за лице фатено на самото место, на улицата „Александар Урдаревски“ во Општина Бутел. Градскиот инспекторат во соработка со Министерството за внатрешни работи изврши увид, земени се сите докази и е поднесена кривична пријава. Нема да правиме компромис со никого кога станува збор за чистотата во нашиот град.

Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој присуствуваше на почетокот на големата акција за чистење и уредување на јавните површини во Скопје. Акција ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини. Акцијата денеска се одвива во општините Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај.

Тој информираше дека се работи за масовно чистење во кое се вклучени сите технички и човечки потенцијали на Градот и на јавните градски претпријатија, помогнати од општините.

Во секоја општина веќе се поставени по три пункта за одложување кабаст отпад каде граѓаните ќе можат да го остават својот отпад од ваков тип. Оваа акција ќе биде проследена и со засилен инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места, изјави Шилегов на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода.

Акцијата за чистење и уредување на градот ќе опфати расчистување на дивите депонии, метење и миење на сите градски и општински улици, кастрење дрвја и косење трева и пополнување ударни дупки. Во општината Кисела Вода денеска ќе бидат расчистени неколку диви депонии, ќе се чисти Усјанскиот канал, ќе се пресечат неколку стари и исушени дрвја, а ќе бидат исчистени и повеќе улици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.