Градот Скопје почна да ја отстранува првата од трите галии во коритото на реката Вардар, таа поставена во непосредна близина на хотелот „Холидеј ин“.

Демонтажата ќе ја вршат екипите на ЈП „Улици и патишта“ во наредните неколку недели и тоа на трошок на фирмата која досега управуваше со галијата, во својство на должник во извршната постапка.

Станува збор за целосно демонтирање, вадење прво на движните ствари кои што се наоѓаат внатре, а потоа демонтажа и на самата галија. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави кои може да нанесат сериозна материјална штета и да ги загрозат животите на скопјани – изјави градоначалникот  на Скопје Петре Шилегов.

Според студијата за намалување на ризикот од поплави која ја изготвил УНДП заедно со Град Скопје и Центарот за управување со кризи, во Вардар не треба да се градат насипи, прегради и други објекти, а галиите за третина ја намалиле проточноста на реката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.