Кандидатката за градоначалник на Скопје, Ана Петровска од движењето „Зелен Хуман Град“, денеска преку објава на Фејсбук прашува кој сака да ја запали поранешната фабрика Треска во центарот на главниот град, откако вчера од овој простор се рашири чад и тешка миризба.

Кој сака да ги запали дрвјата кај Треска?

Заедно со ЗХГ се прашуваме дали пожарот во Треска е подметнат, со цел да изгорат дрвјата и да се отвори пат за нова бетонизација. Треска е еден од ретките простори во општина Центар што дава можност тука да никне нов парк, а објектите да се пренаменат за културен центар и младински зелени стартапи.

Новиот ГУП мора да го зачува овој простор од изградба на нови згради. За борба против загадувањето во градот мора да остане “светото тројство” што го формираат Градскиот парк, парк-шумата Гази Баба и Расадник, но не смее да се бетонизираат ниту Треска, ниту просторот пред Холидеј Ин.

За изработка на новиот ГУП, мора да се донесе Катастар и Стратегија за урбано зеленило со кои зеленилото ќе се попише, постојните паркови ќе се заштитат и ќе се предвидат нови, согласно Законот за урбано зеленило, наведува Петровска во објавата на Фејсбук.

Инаку, вчера веднаш по ширењето на чадот од просторот на кој се наоѓа поранешната фабрика Треска, фотографија на Твитер објави движењето Шанса за Центар, кое предупреди дека ако изгоре зеленилото, тој простор ќе биде идеален за урбаната мафија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.