Општина Центар информира дека завршил конкурсот за избор на идејно решение за урбанишстичко планирање на локалитетот на поранешната фабрика „Треска“, на кој пристигнале три труда.

Жирито го избра најдобриот, со напомена дека „вака предложениот конкурсен труд, со урбанистичко-просторниот концепт, сообракајното решение, односот на изградени и слободни површини, програмските барања, во голем дел очитуваната зададена регулација, како и односот кон контакните подрачја, нуди соодветни предуслови за понатамошна разработка“.

Победник на конкурсот се група автори Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Мхајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска.

Тие предлагаат просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, со намена А2 (за домување), отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8 лоцирани покрај ул. „Ф. Рузвелт“, централно поставен парк подолжно во правец север-југ како и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 по должина на улицата „ А. Циборовски“.

Целиот комплекс е дооформен со деловниот комплекс лоциран на ул. „М.Т. Гологанов“.

Со самата форма на блоковите оформени се интимни дворови за станарите и истите се поплочани и озеленети и сите се ориентирани кон централниот парк, оценува жирито.

Помеѓу блоковите предвидени се отворени врски помеѓу централниот јавен парковски простор и ул. „ Ф. Рузвелт“ со што истата пешачки се интегрира во комплексот. Парковското зеленило е со повеќе намени за одмор и рекреација.

Во продолжение на паркот, кон ул. „В.Положановски“ лоцирана е детска градинка која е вклопена во целокупниот амбиент. Вака оформен и компактен, јасно препознатлив јавен простор, со повеќенаменски содржини со зеленило и простор за одмор, спорт и рекреација, со својт волумен и просторна диспозиција лесно е достапен на жителите на новооформениот комплекс како и на жителите на контактните подрачја „Буњаковец“, „Тафталиџе“ и „Капиштец“.

Станбените низови, лоцирани долж улицата „А. Цибороровски“, се со пониска катност и со друга типологија на станови кои нудат повисок стандард на живеење.

Поставката на деловниот комплекс на улицата „М.Т.Гологанов“, е транспарентен и нуди лесен пристап кон централниот простор. Сообраќајното решение и во однос на колскиот и пешачкиот сообраќај е коректно решено со услови на непречено движење и добри врски со околните сообраќајници.

Параметрите зададени со проектната програма, во однос на домувањето и деловната намена, се оптимално задоволени. Со поголема смелост и иновативност во креирање на поединечните архитектонски целини, предложениот труд можеше да биде и повисоко рангиран – заклучува жирито составено од претставници од Асоцијацијата на архитекти, Ахритектонскиот факултет, Собранието на Град Скопје, Здружението „Плоштад Слобода“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.