Педесетина пазарџии со свирежи го дочекаа првиот човек  на Центар. Жестока дебата имеше меѓу нездовплните пазарџии од Зелен пазар и локалната власт. Конфликтот меѓу пазарџиите на „Зелен пазар“ и општината Центар, по поскапувањето на цената за паркингот, вечерва стигна на работ на конфронтација меѓу двете страни. Тие седнаа на заедничка маса, но ништо не се договорија.

Пазарџиите кои се сретнаа со градоначалникот на Центар и директорот на ПОЦ им посочија низа проблеми, но клучен беше оној каде бараат поевтинување на цената на паркингот околу Зелениот пазар, објави Алфа.

Градоначалникот им рече дека оваа опција ќе се разгледа, по што ќе кажат што е прифатливо, а што не.

Пазарџии стравуваат дека никој нема да влезе на пазарот за на пример да купи јаболки од 30 денари, ако треба да плати 70 денари за еден час паркинг. Нудат повеќе предлози за решавање на спорот – поскапувањето да биде помало, првиот час да не се наплаќа и друго.

Ставот на општината пак е дека поскапувањето на паркингот се однесува на целата територија на општината. Во конкретниот случај, ги обвинуваат дел од пазарџиите дека го злоупотребуваат досегашниот систем на наплата.

Од општината досега велеа дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“ кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.

Закупците на тезги се пожалија и на дивите продавачи, кој им го јадат лебот на легалните.

Првично, иако состанокот им беше закажан за во 16 часот, тој почна со задоцнување, па чекањето ги налути пазарџиите. Тие излегоа од салата за состаноци, по што градоначалникот побрза да ги врати.

Пазарџиите побараа зачестување на инспекциите, зашто според нив, иако кога ќе се појавеле и правеле контрола, не си ја завршувале работата.

Неколку часа траеше состанокот меѓу пазарџиите, првиот човек на Центар и директорот на ПОЦ, проблемите беа ставени на маса, но барем за сега решение нема.

Сега, барањата на пазарџиите заминуваат во рацете на Советот на општина Центар, која по разгледувањето треба да даде „амин“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.