На иницијатива на повеќе од 200 вработени во скопскиот Клинички центар, а со поддршка на синдикалните организации при споменатата здравствена институција, во периодот на законски предвидената пауза од половина час, од 10 до 10,30 часот, на просторот на Хелиодромот во рамките на комплексот ќе се одржи протест против иодлуката на Советот на Град Скопје за наплата на месечен билет за паркинг постор за вработените во центарот – се наведува во соопштението на вработените испратено до медиумите.

Вработените во скопскиот клинички центар истакнуваат дека освен што наплатата од 850 денади месечно за секој вработе ќе се одрази на буџетот на секој вработен во институцијата, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, со својата изјава длабоко го повредил достинството на здравствените работници.

Освен децидното неприфаќање на одлуката, ќе понудиме и предлози и здрави решенија во интерес на вработените, но и на пациентите – се наведува во соопштението.

Вработените во Клинички, исто така, предупредуваат дека од среда како нареден чекор ќе преземат блокирање на наплатните места за користење на паркиралиштето.

Ќе покажеме дека нема повеќе да не’ цедите по џебот и да не навредувате како професионалци  – додаваат вработените во скопски клинички центар.

Град Скопје донесе одлука вработените во Клиничкиот центар наместо 300 да плаќаат 850 денари месечна карта за паркирање на паркингот во кругот на болниците. По предлог на градоначалникот Петре Шилегов, се укинува повластената цена за паркирање која со години ја имале вработените на Клинички и се воведува цена како за сите правни лица кои користат месечни карти на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Светлана Колариќ побара оваа точка да се тргне од дневен ред бидејќи било глупост да се зголемува цената за паркирање на докторите.

Ги зголемивте плативте на дел од здравствените работници и сега преку зголемување на цената на паркингот сакате да ги вратите парите во буџетот –  рече Колариќ.

Градоначалникот Петре Шилегов рече дека во ситуација кога на паркингот на Клинички центар владее хаос, граѓаните немаат каде да паркираат, вработените плаќаат повластена цена.

Заради евтин популизам сме на ова дереџе. Зошто сите други правни лица да плаќаат 800 денари за месечни билети а вработените на Клинички по 300 денари. На овој паркинг има издадено 1.500 месечни билети за вработени, а има 670 паркинг места. Цел ден возилата стојат на паркингот и затоа владее хаос. Луѓе болни умираат на паркинг оти не можат да влезат. Крокодилските солзи кои ги роните се лажни  – рече Шилегов.

Синдикатот на вработени во Клиничкиот центар побараа од министерот Венко Филипче да се заложи одлуката за поскапување на паркингот да се повлече.

Со одлуката за измена на ценовникот на ЈП „Градски паркинг“ се воведуваат и нови цени за паркирање во денови на енормна загаденост кога ќе бидат прогласени вонредни мерки. Цента на паркингот двојно ќе се зголеми, а ќе има како мерка за загадувањето бесплатен автобуски превоз за сите граѓани.

Со тоа цената за еден час паркирање на паркинзите каде сега се наплатува 25 денари ќе биде 50 денари, цената од 35 денари во зона Б се зголемува на 70, а наместо 45 денари за час во зона А ќе се наплатува 90 денари. Најскапо ќе биде паркирањето во зоната А0 односно на улицата „Максим Горки“ и на паркингот на Водно, каде сега еден час чини 100 денари, а со оваа одлука цената ќе биде 200 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.