Средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе ја отвори за посетители својата мини зоолшка градина – ЗОО Парк и систем за аквапоника.

Во ЗОО Паркот има триесетина домашни и други видови животни: лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици. За животните од ЗОО Паркот се грижат учениците кои на овој начин изведуваат практична настава.

Неодамна на натпреварот организиран од ФИТР и УНИЦЕФ, во конкуренција од триесетина училишта во државава, ние го освоивме првото место, токму со проектот за отворање на ЗОО Паркот за посетители од Скопје и целата држава. Во нашиот парк креирана е и забавна и едукативна содржина за сите посетители. Ние сме единствено училиште во земјава кое има сопствена зоолошка градина, која сега ќе стане достапна за посетители – соопштија од СУГС „Браќа Миладиновци“.

Од училиштето посочуваат дека секоја година се соочуваат со намален број ученици и информираат дека Владата, со цел да ги стимулира младите, од оваа година ќе доделува стипендии на средношколците од земјоделско-ветеринарната струка.

Во рамките на повикот за Млади истражувачи 2, училиштето доби финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за проектот „Аквапоника – клуч за иднината“, при што изгради систем за аквапоника и отпочна со одгледување риби и растенија во симбиоза.

Настанот кој симболично го закажавме на последниот ден од учебната година, треба да помогне за свртување на вниманието на младите дека може да се учи и во природа и преку пракса да се стекнуваат знаења со кои имаат загарантирана иднина – наведуваат од ова средно скопско училиште.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.