Реконструкцијата на Универзалната сала во центарот на Скопје е во полн ек. Денеска пристигна металната конструкција на новата сала со чие поставување ќе се овозможи брзо завршување на надворешноста на овој култен објект за Скопје и за скопјани. Проектот за реконструкција на Универзалната сала е изработен и е донација од познатиот архитект Бујар Муча.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов очекува во наредните 40-ина дена да бидат завршени во целост овој дел од работите.

– Вчера споделив со јавноста како планираме да изгледа внатрешноста на објектот. Карактерот на објектот е таков што прво мора да се сработи надворешноста, зашто објектот е монтажен, за потоа да влеземе внатре. Во наредните 40-ина дена очекувам овој дел од работите да биде во целост завршен, а скопјани на почетокот на октомври да ја видат новата надворешност, со дел сработена внатрешност на Универзалната сала. Во изминатите два месеца работевме на фундаментите, на поставувањето нови темели кои можат да ја носат целата оваа конструкција која беше предмет и на сеизмолошки испитувања за да не се наруши статиката и стабилноста на објектот. Ова се всушност носечките столбови на новата Универзална сала, рече Шилегов, кој изврши увид во процесот на обнова на салата.

Тој додаде дека со реконструкцијата целосно ќе биде обновена внатрешноста, фоајето и влезниот дел на Универзалната сала, целосно ќе биде обновена надворешноста, објектот ќе стане енергетски ефикасен, ќе има сериозна интервенција во машинскиот дел, во сценскиот дел и делот на техниката.

– Мојата крајна цел е ние кои што имаме спомени од Универзална да им овозможиме на идните генерации да создадат свои спомени од новата Универзална сала. Сакам да нагласам дека по 50 години чекање конечно дочекавме целосна реконструкција на Универзалната сала што значи дека, според начинот на кој сега работиме, Скопје во наредните 50 години нема да има потреба од нова концертна сала со ваков обем. Реконструкцијата на надворешноста на салата изнесува 1,9 милиони евра, а потребни се дополнителни средства кои што се веќе обезбедени во разговор со Владата, за да ја опремиме внатрешноста. Моите очекувања се дека веќе наредната концертна сезона, не оваа што ни претстои, ќе можеме да уживаме во убавината на Универзалната сала, нагласи Шилегов.

Од Град Скопје потсетуваат дека овој култен објект ќе биде реконструиран во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.