Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, по повод Светскиот ден на Брајовата азбука, донираше 46 книги напишани на Брајово писмо за учениците од ДУРМДОВ „Димитар Влахов“.

Донацијата содржи лектирни изданија кои, за прв пат во Македонија содржат и илустрации.

Библиотеката на ова училиште речиси и да немаше вакви книги бидејќи овој процес на изработка е специфичен и скап, а ретко можат да се најдат и во слободна продажба.

 

Тука би сакал да нагласам и дека моите визит-картички кои ги давам на соработниците покрај со визуелен фонд, ќе ги содржат моите податоци напишани на Брајова азбука. Можеби не е ништо големо, но ете, уште еден придонес кон ова што го зборувам.

 

Уште на нашата предновогодишна средба, јас како градоначалник на општина Кисела Вода, во која е лоцирано училиштето за слепи и слабовидни лица, им ветив дека можат да сметаат на мојата поддршка.

 

Денес, тоа го потврдувам со конкретни чекори.

 

Имено, се информирав дека во библиотеката на ДУРМДОВ „Димитар Влахов“ речиси и нема книги на Брајово писмо преку кои, учениците би имале достапност до насловите кои ги читаат нивните врсници. 

 

И токму затоа, донацијата за која сме денес тука, се состои од 46 книги напишани на Брајово писмо.

 

Овие книги се работат на посебна хартија, со специјални печатачи и како такви се исклучително скапи и родителите на слепите ученици не можат да си ги дозволат, а за волја на вистината, ги нема ниту во слободна продажба.

 

Од денес, тие ќе им бидат достапни во библиотеката на училиштето.

 

Посебно сакам да нагласам дека за прв пат во Македонија испечативме книги кои се со илустрации, со што децата ќе го имаат истото доживување при читањето како и нивните врсници кои немаат оштетен вид.

 

Конкретно, се одлучивме за насловите Гоце Делчев од Ванчо Николески, Песни од Миладинов, Автобиографијата на Григор Прчличев и Малиот Принц од Антоан де Сент Егзипери. Лектирни изданија, но и книги кои се со голема литерарна вредност.

 

Би сакал да се заблагодарам на издавачкиот центар „АЛДЕБАРАН“, на уредникот Мите Стефоски и сопственикот Мирослав Размоски кои интензивно работеа за да можеме на време да ја обезбедиме оваа донација токму денес, кога го одбележуваме Светскиот Ден на Брајовото писмо.

 

Исто така, изразувам благодарност и до претседателот на Национален сојуз на слепи на Република Македонија, Жарко Селковски, претседателката на скопскиот огранок на ова здружение Надица Николовска, како и на претседателот на Советот на општина Кисела Вода Иван Живковски за присуството на овој настан.

 

Се надевам дека на овој начин, преку кампањата која општина Кисела Вода ја спроведува под слоганот „Различни, а исти“, даваме свој удел во подигнувањето на свесноста за важноста на комуникацијата, како човеково право на слепите и лицата со намален вид, се надевам дека ќе успееме да им ги прошириме видиците!

 

Грижата за нив не смее да биде само декларативна и секој од нас, треба да работи на надминување на стигмата и на подигнување на бариерите кои на лицата со хендикеп им се пречка за еднакво учество во општествените процеси – порачува градоначланикот Ѓоргиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.