Општина Центар распишa јавен повик за финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и лифтови на станбени згради на подрачјето на општината.

Субвенцијата опфаќа исплата на финансиски средства во висина од 30% од вкупниот износ, но не повеќе од 150.000 денари за санација на кров и 30% од вкупниот износ, но не повеќе од 300.000 денари за санација на лифт.

Jавниот повик за реконструкција на кровови се однесува на замена на постоечки азбестни салонитни покривачи со еколошки и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси. Додека финансиската поддршка за поправка на лифтови се однесува на оние за кои е утврдено дека се технички неисправни. Субвенцијата опфаќа модернизација на лифтовите и нивно усогласување со безбедносните стандарди.

(Фото – Општина Центар)

Апликациите треба да бидат поднесени од сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од Управител на станбени згради или Заедница на сопственици апликант.

(Фото – Општина Центар)

Барањата за користење на мерката се поднесуваат на пропишан образец кој сите заинтересирани можат да го подигнат на пријавницата во барака 3 и/или во архивата на Општина Центар – барака 6 , но истиот можат да го преземат и од веб-страницата на Општина Центар.

Селекцијата на апликациите ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“, до исцрпување на средствата. Апликациите можат да се достават во период од 16 до 30 септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.