Општина Центар е изненадена и разочарана од одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот за градба и
најавува дека нема да се откаже и ќе ги искористи сите правни можности.

Како градоначалник, како Совет и како општина Центар сме изненадени, но и разочарани од одлуката што ја донесе Уставниот суд за времена мерка за укинување на т.н. мораториум за градба во општина Центар.

Неизвршувањето на плановите, односно мораториумот беше во интерес на граѓаните и тие силно го поддржуваа и ја сфаќаме револтираноста и гневот кој го имаат по објавувањето на одлуката, рече на денешната пресконференција градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.

Тој додаде дека реакциите на граѓаните по одлуката не престануваат и доаѓаат до нив, а се реагира и на социјалните медиуми. Богдановиќ информира дека речиси година и пол интензивно работеле на измените на ДУП-овите и додаде оти мораториумот бил начин со кој ќе се спречи спроведување на лошите планови и веќе почнале да постигнуваат
резултати. Минатата седница Советот на Општина Центар донесе два плана, „Мирче Мацан“ и „Ново Маало“.

Ние не се откажуваме од мораториумот и ќе ги искористиме сите правни можности за да донесеме подобри, нови урбанистички планови што веќе се работат и поголем дел веќе се во крајна фаза на донесување. Во моментов со правниот тим на Општина Центар и со одредени стручни лица кои ги консултираме ги разгледуваме можностите кои ќе ни бидат на
располагање откако официјално ќе ја добиеме одлуката. Ние одлука официјално немаме добиено, а оваа информација ја добивме од контактите со односи со јавност на Уставниот суд и тоа што излезе по медиумите, истакна Богдановиќ.

Најави дека откако ќа ја добијат официјално оваа одлука тогаш ќе го соопштат нивниот став. Тој апелираше Уставниот суд за 30 дена да ја преиспита својата одлука и да ги земе предвид новите ДУПови што се веќе донесени и, како што рече, се од придобивка за граѓаните.

Апелираше и до коморите да ја повлечат иницијативата до Уставниот суд и да дозволат да спроведат измени кои ќе бидат во корист на сите градежници и граѓани.

Мораториумот за градба во Oпштина Центар е времено укинат, се додека Уставен суд не донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот. Оваа одлука беше донесена на вчерашната седница на Уставниот суд, каде точка на дневен ред беше разгледување на иницијативата за уставноста и законитоста на мораториумот, поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на севернозападна Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.