Општина Центар денеска распишува Јавен повик за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани, пензионери во социјален ризик со место на живеење на територија на општината. Оваа мерка минатата недела ја соопшти градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, а истата беше донесена на последната 16-та седница на Советот во Општина Центар.

Станува збор за доделување еднократна финансиска поддршка со цел да им се помогне на лицата од најранливата категорија граѓани, пензионерите во услови на тешка економска и енергетска криза. Оваа финансиска поддршка Општина Центар ја предвидува за приматели на пензија чиј износ е до 17.518,00 денари.

Верувам дека во оваа криза на зголемени цени на прехранбените производи и електричната енергија еднократната финансиска поддршка што ја доделуваме ќе им биде од помош на повозрасните граѓани да подмират дел од трошоците при набавка на прехранбени продукти, подмирување на месечните сметки или набавување на потребната здравствена терапија. Општина Центар повторно успеа да им излезе во пресрет на највозрасните сограѓани кои се најзаслужни за тоа каде сме денес, смета Герасимовски.

Висината на еднократната финансиска поддршка која Општина Центар ја доделува на повозрасните граѓани, пензионери во социјален ризик изнесува 1.500,00 денари.

Заинтересираните пензионери можат да аплицираат за добивање финансиска поддршка само ако се жители на општина Центар и имаат пензија во рамките на горенаведениот износ.

За добивање на оваа финансиска поддршка треба да се достави барање за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ од последна примена пензија (за месец октомври 2022 година). Општина Центар напоменува дека пензионерите кои сакаат да учествуваат во Јавниот повик не се обврзани лично да ги достават потребните документи туку тоа може да го направат и други членови на семејството или блиското опкружување.

Јавниот повик ќе трае до 7.12.2022 година. Барањето за доделување финансиска поддршка на повозрасни граѓани – пензионери во социјален ризик е достапно во просториите на Општина Центар – Скопје, Архива на Општина Центар -Скопје (барака 6) и на веб-страницата на Општина Центар-Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=16108.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.