Општина Аеродром соопшти дека СДСМ преку денешната прес конференција уште еднаш шири дезинформации и лажни вести во јавноста.

– Ниту една работа спомената во денешниот прес, нема никаква поврзаност со реалноста и истата е уште една потврда за опседнатоста на локалниот огранок и целото раководство на СДСМ со работата на градоначалникот Муцунски и успешните проекти кои се реализираат во Аеродром. Политичката партија СДСМ со денешната прес конференција направи груба манипулација со јавноста, а потоа и грубо политизирање на проекти за кои парите се обезбедени од страна на нашиот партнер – Светска банка и тие никогаш не можат да бидат резултат на работењето на СДСМ, затоа што тоа е политичка партија која е позната по лошо работење и штетни политики, соопштија од општината.

Општината Аеродром во целост ги демантира информациите изнесени на денешната прес конференција.

– Апсолутна невистина е дека градоначалникот Муцунски кочел и опструирал реализација на било какви проекти. Напротив, тој и Општина Аеродром во изминатиот период активно работат на реализација важни проекти кои решаваат сериозни инфраструктурни проблеми, кои минатото и неспособно раководство на општината не успеало да ги реализира. Потврда за тоа дека општина Аеродром реализира голем број успешни проекти се и партнерствата со меѓународните организации и институции, а еден од нив е токму овој проект за реконструкција на локалните патишта во населбата Лисиче кој се спроведува со директна поддршка од страна на Светската Банка.

Загрижени од континуираната опседнатост на СДСМ со проектите и работата на градоначалникот Муцунски, уште еднаш упатуваме директен апел до нив да престанат да ги злоупотребуваат медиумите со лажни вести и на таков начин да ја дезинформираат јавноста. Истовремено ги повикуваме времето потрошено за штетни и лажни прес конференции да го потрошат за проекти кои суштински ќе донесат подобро утре за општина Аеродром. Ние работиме за граѓаните и нашиот предизвик се реализираните проекти за поубава општина. Ги повикуваме нашите колеги од СДСМ, таму да покажеме кој подобро и повеќе работи за граѓаните, велат од општина Аеродром.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.