– Немам никаков интерес или желба да бранам или да напаѓам било кого. Не ми се блиски ни Арсовска ни ВМРО-ДПМНЕ. Сакам само јавноста да знае дека после цели шест години како солза чиста постапка, водена под целосна контрола на Европската инвестициска банка, без можност за било какви коруптивни и други влијанија, со подарени 69 милиони евра од Европската Унија, со кредитни обврски преземени од централната а не од локалната власт, Скопје едноставно мора да добие модерна пречистителна станица на отпадните води во Вардар – вака добар познавач на приликите, човек симпатизер на противничката партија на ВМРО-ДПМНЕ, за Плусинфо ја коментира големата кавга што изби помеѓу градоначалничката на Скопје Данела Арсовска и партијата со чија поддршка дојде на власт. Кавгата почна откако Арсовска го смени директорот на ЈП Водовод и канализација Златко Перински, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наводно поради „самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра“.

Имено, ова е прецизната финансиска конструкција на овој проект. Државата добива 72 милиони евра неповратен грант од Инвестицискиот фонд на ЕУ за Западен Балкан, 68 милиони евра кредит од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и 58 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Претходно е одобрен и европски грант од 10 милиони евра, кој ќе се откаже кога државата ќе го земе седум пати повредниот грант. Парите од грантот државата ќе ги искористи да врати дел од кредитите во двете банки.

Познавачите се едногласни во оценката дека освен што станува збор за исклучително поволна финансиска конструкција за еден инфраструктурен проект каков што Скопје не памети со години, ако не и со децении, многу е важно тоа што за проектот вреден 136 милиони евра Град Скопје нема да се задолжи ниту едно евро.

– Тоа е нешто што едноставно не смее да се пропушти – вели нашиот извор.

Плусинфо денеска консултирал експертски извори и луѓе од различна политичка провиниенција и од различни периоди на „владеењето“ во Град Скопје и во градските комунални претпријатија. Буквално сите биле едногласни во оценката дека поведението на градоначалничката Арсовска во случајов е последица или на едно големо недоразбирање или на темелно непознавање на процедурите и на сето она што досега е сторено во овој проект.

Скопје е една од ретките европски метрополи во кои не се прочистуваат отпадните води. Проектот за кој станува збор е носител на сребрена плакета на Европската инвестициска банка (ЕИБ). За 136 милиони евра, Скопје ќе добие пречистителна станица какви што имаат големите европски метрополи како Минхен или Париз, која ќе прочистува 90 отсто од отпадните води пред да се слеат во Вардар и која ќе биде енергетски самоодржлива.

– На проектот се работи цели шест години, за сега да дојдеме до фазата кога се отвораат понудите на три понудувачи што ја поминале претквалификацијата, во која учествуваа 12 понудувачи. Јавноста треба да знае дека во проектната единица има по двајца претставници на Град Скопје и на ЈП Водовод и канализација и еден претставник од Министерството за животна средина. Тоа се луѓе кои сиве овие години не работат ништо друго освен што се посветени на проектот. Освен тоа, во ЈП Водовод и канализација има претставник на Банката и консултанти кои целосно го мониторираат проектот во сите фази. Јас ви тврдам дека не постои никаква, ама баш ни теоретска можност врз проектот да влијае било кој, било да е од СДСМ или од ВМРО. За секоја кадровска или било каква друга промена, ЕИБ мора да биде известена. Во оваа фаза, кога треба да се отворат понудите на три сериозни компании и да почне процесот на евалуација, секоја промена може опасно да го компромитира проектот во кој веќе се вложени многу пари и труд. Моето мислење е дека некој погрешно ја информирал градоначалничката Арсовска, или ѝ создал погрешни очекувања. Најдобро е таа подобро да се информира и потоа процедурата да ја врати во колосек. Имам информации дека Банката е лута поради оваа збрка, а тоа не е добро – вели нашиот извор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.