Градот Скопје утре ќе ги објави јавните повици за доделување субвенции за велосипеди и електрични тротинети во 2020 година.

Новитет оваа година е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари оваа година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Повиците ќе биде отворени до 30 ноември или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.

Барателот треба да ги исполни следниве услови:

– да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари);

– да нема искористено субвенција за купување на велосипед (важи за повикот за субвенции за велосипеди) или да нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет (важи за повикот за субвенции за електрични тротинети) од Град Скопје;

– новиот велосипед или електричен тротинет да е купен или го купи во Република Македонија од 01.01.2020 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2020 година;

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавните повици се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави:

– барање и изјава за субвенција за купување на еден велосипед (Барањето и изјавата може да се подигнат во архивата на Град Скопје или да се обезбедат од интернет страницата на Градот: https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici);

– барање и изјава за субвенција за купување на еден електричен тротинет (Барањето и изјавата може да се подигнат во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: ttps://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici);

– доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот;

– фотокопија од трансакциска сметка на барателот;

– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на велосипед од Град Скопје (за повикот за субвенции за велосипеди);

– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување на електричен тротинет од Град Скопје (за повикот за субвенции за електрични тротинети);

– доказ дека е извршено купување на нов велосипед или електричен тротинет од Република  Македонија, и тоа со оригинал фискална сметка издадена во Македонија, со датум од 01.01.2020 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици, но не подоцна од 30.11.2020 година, при што задолжително е велосипедот или електричниот тротинет да е целосно отплатен и плаќањето на рати не се прифаќа;

Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување на велосипед или електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната Комисија, преку Архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр.82, секој работен ден од 09 до 15:00 часот.

Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.

За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.