Од денеска продолжуваат да важат бесплатните годишни студентски билети за користење на јавниот превоз, соопшти Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

Посочуваат дека и натаму нема да важат бесплатните средношколски билети и бесплатниот превоз за возрасни лица.

За сите измени, корисниците на посочениот тип билети ќе бидат навремено известени, истакнуваат од ЈСП Скопје.

Допрва ќе се утврди начинот на кој ќе се одвива превозот по намалувањето на мерките
Намалувањето на вонредните мерки, ќе им овозможи на луѓето да продолжат со активности коишто ги извршуваа и претходно, а со тоа ќе почне и почесто да се користи и јавниот превоз.

Досега, меѓуградскиот сообраќај сè уште е во прекин, додека пак, меѓуопштинскиот сообраќај е регулиран според уредба на Владата со која е предвидено возилата да бидат исполнети со 50% од вкупниот капацитет на возилото за превоз на патници. Воедно, уредбата наложува во секое возило да има задолжено лице кое го регулира влезот и излезот на патници, со цел да го одржува оптималниот број.

Од воведувањето на полицискиот час, автобусите на ЈСП и приватните превозници сообраќаа по саботен возен ред и во две смени во текот на денот, од 5 до 9 часот и од 13 до 19 часот. Од денеска (18 мај) автобускиот јавен превоз во Скопје функционира непрекинато во периодот од 5 до 19 часот. Но, иако е укинат двозменскиот режим, сепак автобусите на ЈСП и на приватните превозници ќе сообраќаат по саботен возен ред. Исклучок ќе бидат градските линии 9, 19, 20 и 23, кои ќе возат по редуциран делничен возен ред.

ЈСП-Скопје апелира на рационално користење на јавниот превоз и задолжително носење на заштитна опрема при користење на превозот согласно уредбите за заштита од болеста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.