Од 9 август 250 денари за час ќе чини паркирањето на затвореното паркиралиште „Дом на Градежници“, ова денеска го соопштија од Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“-Скопје од каде информираа за промените и начинот на организирање и наплата на споменатото паркиралиште, со цел да се реши проблемот со паркирањето на ова паркиралиште и да им се овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните живеалишта.

Овие промени доаѓаат по барање на жителите на Градски Ѕид кои со петиција наведоа предлог итни мерки за решавање на проблемот со паркирањето со кој секојдневно се соочуваат.

Покрај цената прифатени мерки се и редуцирање на бројот на часови на гостинската карта (м-карта) на 2 часа, по 17:00 часот неограничено, воведување на систем за препознавање на регистарски таблички и ќе се отстранат постоечките картички а ќе се ограничи пристапот на комбињата за дотур на стока, односно ќе им се овозможи бесплатен пристап од 05:00 до 07:00 часот, во спротивно ќе ја плаќаат редовната цена за паркинг за 1 час.

Жителите доставија до нас петиција со разумни мерки, ние ја разгледавме и ја усвоивме таа петиција. Веруваме дека овие мерки значително ќе помогнат во решавање на проблемот со паркирањето, ќе придонесат да се воведе поголем степен на контрола и ред во паркирањето и ќе им овозможат на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови, изјави директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски.

Одлуката за усвојување на Петицијата за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Дом на градежници“, донесена од Управниот одбор на ЈП Паркинзи на Општина Центар, беше изгласана на последната седница на Советот на Општина Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.