Меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на фабриката ОХИС во Скопје е објавен вчера и се очекува да биде отворен до 11 ноември, информираат од Македонското еколошко друштво.

Оттаму наведуваат дека проектната канцеларија за неразградливи органски загадувачи (POPs) во изминатиот период ја комплетираше документацијата за објавување повик за меѓународен тендер од страна на Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО), агенцијата одговорна за спроведување на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“, со цел да се избере најдобро решение/технологија за деконтаминација на малата депонија со HCH отпад сместена во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје.

Тендерот е објавен на 15.10.2019 година на официјалната веб-страна на УНИДО на следниот линк, а периодот за доставување на понуди ќе трае до 11 ноември 2019 година.

Од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање појаснуваат дека по пристигнувањето на понудите, ќе биде формирана комисија од страна на УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда, а по што ќе следат активности за започнување со работа на терен, односно обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето.

Со чистењето на локациите контаминирани со HCH и со другите придружни загадувачи, ќе се намали и елиминира емисијата на овие загадувачи во околината. Исто така, ремедијацијата на контаминираните локации во ОХИС ќе овозможи услови за ревитализација на земјиштето, односно негово повторно користење за индустриски намени со што ќе се креира позитивен амбиент за привлекување инвестиции во оваа област, а кои ќе резултираат и со можности за нови вработувања.

Македонското еколошко друштво (МЕД) е носител на активностите за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје и состојбата на животната средина и процесот за неговото отстранување од ОХИС и правилно справување. Овие активности се спроведуваат во координација со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи (POPs) на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) а во рамки на повеќегодишниот проект „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС, 100122“, финансиран од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку УНИДО со национална контрибуција од страна на Владата на Република Северна Македонија.

По изборот на фирма понудувач од страна на меѓународната изборна комисија, од МЕД посочуваат дека ќе продолжат со активностите за информирање на јавноста и локалното население, за начинот на отстранување на HCH отпадот од малата депонија во дворот на поранешната фабрика ОХИС преку организирање на повеќе јавни настани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.