Во тек е втората фаза од евалуацијата на понудите за пречистителната станица во Скопје. Кога комисијата ќе ја заврши евалуацијата ќе достави извештај и ќе не информира дали е во ред или не и ние, ако се оди според предвиденото, до крај на годинава ќе можеме да потпишеме договор за изградба на пречистителната станица во Скопје, посочи вечерва министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој во гостувањето на емисијата „Топ Тема“ на ТВ „Телма“, потсети дека средствата во висина од 136,73 милиони евра, се обезбедени од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој. Изградбата ќе трае три до четири години.

Осврнувајќи се на проблемот со Матка, министерот рече дека денеска одржале јавна деба и оти го радува фактот што добиле согласност од Град Скопје и од Сарај. Тој истакна дека очекува до крајот на годината законот за Матка да биде поднесен во Собрание.

Околу претстојните планови, Нуредини, зборувајќи за можното зголемено загадување на амбиенталниот воздух, заради енергетската криза, рече дека мора да се подигне јавната свест на институциите и на граѓаните во однос на тоа какви материјали согоруваат за греење, нагласувајќи дека е потребно да се употребуваат материјали кои се според стандардите.

Тој изрази надеж дека наскоро ќе помине законот за заем за централните депонии и инфраструктурата, како еден од најголемите приоритети во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.