Плоштадот „Македонија“ денеска беше местото каде што скопјани се обидоа да постават нов Гинисов рекорд за најголема новогодишна елка во светот направена од луѓе. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов најави дека снимките од настанот ќе бидат испратени, по што ќе се чека одговор дали е срушен Гинисовиот рекорд.

Заедно со скопјани се обидуваме да го срушиме Гинисовиот рекорд за најголема елка направена од живи луѓе. Благодарност до сите скопјани што учествуваа во оваа предновогодишна манифестација, бидејќи идејата на сите ни е иста, а тоа е нашиот град да биде градот каде е направена најголемата жива елка во светот – изјави Шилегов.

Тој информира дека се направени дронски снимки од настанот, кои ќе бидат испратени и ќе се чека одговор.

Направени се снимките тие ќе бидат пратени. Очекуваме деновиве да добиеме одговор дали успеавме да го срушиме Гинисовиот рекорд. Стариот е околу 4.020 лица. Ние таргетиравме 5.500. Не успеавме да ја стигнеме таа бројка, но во секој случај по она што го видов од дронските снимки, мислам дека успеавме да го надминеме рекордот. Да почекаме тоа да биде и официјално – рече Шилегов.

Формирањето новогодишна елка од луѓе, како што соопштува Град Скопје, е дел од програмата на „Винтерленд“.

Во моментов, најголемата елка од луѓе според Гинис е направена во Индија, во 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.