ЕСМ Снабдување подготвува поедноставување на постапката за склучување нови договори за парно греење во Скопје и нагласува дека новите начини ќе бидат достапни во следните денови, за што јавноста ќе биде навремено известена.

-Потрошувачите ќе имаат можност сами да го пополнат образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија, кој ќе биде прикачен на веб страницата на АД ЕСМ и во два примерока да го предадат во еден од пунктовите на ЕСМ снабдување, со приложување на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. По заверка на договорот, од страна на ЕСМ снабдување, ќе им биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот, наведена во договорот, соопшти ЕСМ.

ЕСМ снабдување, се вели во соопштението, во наредниот период ќе го достави образецот на договорот за снабдување со топлинска енергија во поштенското сандаче во објектите каде се испорачува топлинска енергија, а потрошувачите ќе треба да го пополнат во два примерока и да го предадат во еден од пунктовите на ЕСМ снабдување, со документ за лична идентификација на увид и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. По заверка на договорот, од страна на ЕСМ снабдување ќе им биде доставен по пошта на адреса на потрошувачот, наведена во договорот.

-Со новите начини ќе се намали времето на задржување на потрошувачите во пунктовите, со оглед на тоа што документот ќе биде веќе пополнет од нивна страна. ЕСМ снабдување ќе воспостави и директни контакти со корисниците кои од лични причини не можат да ги напуштат своите домови, ќе им излезе во пресрет и ќе им овозможи договорот да го склучат во нивниот дом. Тековно ќе се изнаоѓаат решенија и за други корисници, кои во следниот период ќе бидат отсутни и за нив ќе се определи посебен термин за склучување на договорот, согласно нивните можности, потенцираат од ЕСМ.

Нагласуваат дека заклучно со денеска во 11:00 часот склучени се 950 договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите, во пунктовите на ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје.

Снабдувачот со топлина апелира до граѓаните да продолжат да пристапуваат кон пунктовите и непосредно да ја регулираат својата правна обврска во однос на испораката на топлина до нивните домови и објекти



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.