Откако партијата Левица објави за притисоци и кршење на работничките права од страна на директорот на ЈСП, Кристијан Чушков, сега откриваат и нови пријави од вработените во ова јавно претпријатие.

Според добиените информации, работниците кои ги чистат автобусите работат без никаква заштитна опрема и соодветни средства за заштита од коронавирусот. Дополнително, работниците за викенди работат по 16 часа, без никаков платен надоместок! Левица минатата недела поднесе пријава до Државниот трудов инспекторат, но сѐ уште нема никаков одговор. Дали власта ги штити своите партиски кадри во ова јавно претпријатие, а на сметка на здравјето на работниците? Дали јавните дејности се користат исклучиво за цедење буџетски пари и богатење на поединци блиски на власта?, прашуваат од партијата.

Од Левица додаваат дека располагаат со информации за континуирано малтретирање на работниците во ова претпријатие преку кратење на плати, уцени и распоредување на пониски места кои дополнително ќе ги обелоденат.

За овие случаи веќе се покренати неколку судски спорови од страна на самите работници, и покрај притисоците со кои се соочуваат. Во ваквите злоупотреби и малтретирања на работниците се инволвирани и самите синдикати, кои очигледно претставуваат продолжена рака на власта во спроведувањето на нивните анти-работнички политики, се вели во соопштението од Левица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.