Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, извршија увид во започнувањето на изградбата на нов зелен плоштад и парк во населбата Ченто во општина Гази Баба.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска истакна дека согласно програмата за модерно Скопје воспоставувањето на нови зелени површини и нови паркови е еден од приоритетите во работата на Градот Скопје, а граѓаните на овој дел од општината за прв пат ќе добијат модерен парк и нови уредени зелени површини.

– Согласно програмата за модерно Скопје и воспоставување на нови зелени површини на територија на градот Скопје, денеска започнуваме со хортикултурно уредување на јавна површина, нов зелен плоштад на улицата Јужноморавски бригади, во населбата Ченто, нов парк за над 20.000 жителите на овој дел од општината, кој ќе биде уреден на површина од 5000 квадратни метри – истакна Арсовска.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски истакна дека на иницијатива на градоначалничката екипите на јавното претпријатие веќе се започнати со целосно расчистување на теренот.

– Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ веќе започнаа со целосно расчистување на теренот, а во следниот период ќе се пристапи кон рамнење на почвата како и пополнување на површината со квалитетна почва, спроведување на систем за полевање и подготовка на почвата за садење на дрвја и вегетација, а се предвидува и флористичко збогатување на просторот – вели Сотировски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски истакна дека жителите на Ченто за прв пат ќе добијат ваков нов зелен простор.

– Ова место кое претходно беше неуредно и полно со шут и ѓубре, сега жителите на населбата Ченто со овој проект за прв пат откако е населена оваа населба ќе добијат нов зелен плоштад и уреден простор за одмор, спорт и рекреација – истакна Стефковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.