Скопскиот градоначалник Петре Шилегов потрошил 420.000 евра за набавка на мрежна инфраструктура и ИП телефонија за потребите на Градската куќа на ул. „Лазар Личеноски“ бб, која истиот ја продаде, објави на денешната прес-конференција Сергеј Попов, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцираше дека оваа телефонска централа за Градската куќа не е инсталирана во објектот, ниту е забележан документ дека е продадена.

Ова се документите од кои се гледа дека Шилегов е потписник на договорот со Македонски Телеком вреден над 420.000 евра, за телефонска централа која сега не е во функција, ниту некој знае каде е и што се планира со неа. 420.000 евра пари на скопјани се потрошени за телефонска централа која не е во употреба, ниту некој знае каде е, рече Попов објавувајќи го Договорот.

Тој повика Шилегов да излезе и веднаш да одговори каде е телефонската централа и дали сè уште е во посед на Град Скопје, a доколку не е – каде е, колку пари ја продал или дали ја дал без надомест.

Парите од телефонската централа се попусто потрошени пари, никој не знае каде е и дали е можеби продадена, но и каде се парите ако е продадена. Ова е ист случај како со парите добиени од продажбата на Градската куќа. 12 милиони евра од продажбата на истата никаде ги нема. Никој не знае каде се и на што се потрошени.

Ова се сомнежи за огромни нерегуларности, за овие и за многу други набавки и плаќања ќе има детална истрага и ревизија по 31-ви октомври, ова е тоа што го плаши Петре Шилегов и СДСМ, и затоа се во паника, затоа навредуваат, малтретираат и шиканираат. Знаат дека по 31-ви октомври нема да можат да крадат и ги фаќа паника. Знаат дека одговорност ќе има, а еве и повторно им потврдуваме, да ќе има одговорност за сите ваши криминали и проневери, вели Попов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.