На среде дебата, кандидатот за градоначалник на Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, го напушти студиото на МРТВ. Неговото оправдување беше дека снимањето го пробило времетраењето, односно дека трае 15 минути повеќе, а тој имал обврски. Дел од противкандидатите тоа го нарекоа „бегање од дебата“.

Настана жестока расправа со кандидатот Петар Георгиевски Камиказа, кој го обвини Шилегов за нефер однос, па во знак на револт и тој го напушти студиото по излегувањето на Шилегов. Како што рече Камиказа, снимањето било закажано од 11 до 14 часот, така што требало да си ги планира обврските.

„Ако тој си отиде си одам и јас. Сите заедно сме на снимање во 4, треба да имаме исто време за одмор. Не сум ни јадел“, рече Камиказа, на што реагираше и водителот кој посочи: „Не, не, ние продолжуваме“. Но ова, не го убеди Камиказа да остане во студиото на МТВ и го напушти.

Шилегов, во текот на емисијата неколку пати контактираше со водителот на кого му укажуваше дека снимањето на емисијата трае предолго, на што последно, тој му посочи дека има уште еден круг прашања по што може да си оди.

Дебатата беше со почеток во 11 часот и траеше подолго од договореното, повеќе од два часа, каде јас се извинив на присутните бидејќи морав да се вратам на обврските како актуелен градоначалник, за разлика од останатите кандидати коишто ја немаат таа обврска во тек на работното време“, соопшти Шилегов откако се дозна дека тој ја напуштил емисијата.

Затоа што покрај заминувањето порано од снимањето, Шилегов сакаше да даде завршен збор, реагираше и Александар Тортевски од „Твоја партија“, кандидат за градоначалник на Скопје.

Вие не сте газда на оваа емисија. Ако имате потреба да одите, одете. Јас знам зошто останав. Имам голема обврска пораги група граѓани. Сакате да држите завршен збор бидејќи имате потреба да си одите“, рече Тортевски.

Зошто всушност му прекипе на Шилегов?

Уште од почетокот на дебатата, единаесетте противкандидати му беа настрвени на актуелниот градоначалник.

Славе Несторовски, кандидатот од ТМОРО, го праша кого консултирал и прашал за бас рапид системот на превоз во Скопје, кој смета дека е на штета на скопјани.

Александар Тортевски, кандидатот од Твоја партија, го праша Шилегов што стана со проектот давање ваучери за пијани гости од скопските кафеани за такси превоз и дали добро ги искористил за себе тие ваучери.

Прашања доби и зошто не го спасил ФК Вардар и дозволи да пропадне, зошто не изгради Луна парк како што ветуваше, зошто не го спаси Водно, каде е тунелот по Кале, беа само дел од прашањата.

Ана Петровска од Зелен град го обвини Шилегов дека не е точно дека е решен проблемот како што тој вели за Вардариште, затоа што протестите на граѓаните за депонијата биле доказ.

Бени Шаќири го обвини Шилегов дека до сега нема направено апсолутно ништо, по што Шилегов наместо реплика му рече да не збори кон него, бил блиску, а било корона.

Нервите на Шилегов попуштија на забелешката на Тортевски дека е „течен градоначалник“, бидејќи сите проекти му се „во тек“.

Шилегов ги замоли учесниците да не се служат со „шибицерски финти“, по што Тортевски стана навреден и го замоли да му се извини инаку ќе го напушти студиото, Шилегов не се извини кон соговорниците за навредите.

Дали шибицерска финта е проект кој е ветен, а не е реализиран од вас, го праша Тортевски. Шилегов и му посочи дека пред граѓаните на Скопје и пред јавноста има полно право да го критикува досегашниот градоначалник за проекти кои ги ветил, а не ги реализирал.

Ова ниво ли е, па пред четири дена ветувате пак Луна парк кој требаше пред две години да го направите, ние сме шибицери, а ти не си шибицер, му рече Петар Георгиевски – Камиказа, кандидатот на Левица,

Учесниците на дебатата го обвинија Шилегов дека покажал невидена арогантност и непочит кон сите останати кандидати и навреда кон целокупната македонска јавност, како и дека тој бил градоначалник само на проекти во тек. Шилегов го напушти студиото на МТВ затоа што имал обврски и други активности.

Е толку му е фитиљот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.