Се известуваат родителите дека постапката за избор на најповолен понудувач за топол оброк уште не е завршена. Учениците нема да можат да примаат топол оброк првата недела од второто полугодие. Ве молиме да си обезбедите храна за тековната недела.

Ваква порака добија родителите вчера, еден ден пред почетокот на второто полугодие во учебната 2019/2020 година чии деца учат во одделленската настава во седум основни училишта во скопската населба Аеродром.

Родителите се незадоволни, бидејќи сметаат оти сè се прави во последен момент. Оние чии деца се хранат во училиште имаат договор со фирмата која траеше до завршување на првото полугодие.

Во Општината знаат дека тендерот уште е во тек, тоа е процедура. Штом се работи за тендер, секако дека ќе има и жалби. Зошто се чекаше до последен момент?, вели мајка на третооделенка во Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“.

Од општина Аеродром потврдуваат дека сите седум училишта на нивната територија, „Љубен Лапе“, „Лазо Ангеловски“. „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“, „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ и „Ѓоргија Пулевски“, деновиве нема да имаат топол оброк.

Тони Димов, директор на Основното училиште „Браќа Миладиновци“, во изјава за „Деца.мк“ вели дека е избрана фирма задолжена за храната, но во тек е жалбена постапка која ги одолжува работите.

Имаше барање да се смени добавувачот на храна за учениците. Има жалба од фирмата која не го доби тендерот. Во меѓувреме ќе имаме совет на родители, а на родителите им е кажано во овој период да им праќаат храна од дома на децата додека да се реши ситуацијата. Има многу родители, секој има свое мислење, но наскоро нема да има никаков проблем. Кај мене лично денеска немаше реакции во врска со ова, но мој апел е да не се крева паника, децата ќе имаат храна од идната недела. Во нашето училиште кујната се подготвува, се чисти и се дезинфицира, а храната што ќе се приготвува ќе биде поквалитетна и подобра – уверува директорот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.