Последните денови во фокусот на јавноста е тендерот за реконструкција на водоводната мрежа на ул. „Варшавска“, за која опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека е наместен, за што и приложи документи.

Додека траат препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЈП Водовод дали се оригинал или фалсификат документите, Република за овој случај разговараше со инженери од градежната сфера.

Тргнете ги настрана парите и тендерите. Ако ги земеме за точни документите дека работите започнале во јули, а договорот со фирмата изведувач е склучен во октомври, имаме сериозен и голем проблем. Не зборувам за корупциски, тоа е друга сфера, туку безбедносен. Замислете, до водата за пиење на скопјани имал пристап некој кој нема никаква одговорност. Зашто договорот ги уредува работите на изведувачот, неговите обврски, но уште повеќе, ја утврдува и одговорноста. А овде, четрири месеци некој бил толку блиску до водата за пиење, а немал никаква одговорност, вели нашиот соговорник.

Експертите сметаат дека она што треба вистински да ја загрижува јавноста е токму тоа дека безбедноста на скопјани била доведена во прашање.

Ќе речете, но ништo не се случи. И вистина, никој не се затрул. Или барем не знаеме. Но, што ако се случеше нешто? Кој ќе ја понесеше одговорноста? Ако лекар ве лекува без лиценца, чија е одговорноста? Видете, и модуларните болници такви какви што се ја вршеа работата толку месеци и, вистина, луѓе се излекуваа во нив, но еден ден за две минути живи изгореа. Причината зошто се случи тоа толку бргу се содржи токму во договорот. За тоа постојат тие договори, за да знаеме денес кој на што се нафатил, кој што потпишал и кој за што е одговорен, додава соговорникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.