Пратеничката Даниела Маркоска и СДСМ требаше да одржуваат прес-конференции кога нивниот градоначалник во Ѓорче Петров, Александар Наумоски со општински пари купуваше купишта алкохол, од ракии и уза до вина и пива, а општината ја оставија со долг од четири милиони евра. Маркоска манипулира со јавноста бидејќи оваа набавка, која е со рамковна спогодба, е предвидена во Планот за јавни набавки од страна на нивниот градоначалник и раководството кое СДСМ го постави во Ѓорче Петров. И најважното, овие пари не се потрошени, туку се предвидени, што значи дека ако не се набават продуктите, нема да се платат ниту парите, реагираат од Општина Ѓорче Петров на прес-конференцијата на пратеничката Даниела Маркоска.

Тие додаваат дека би било чесно СДСМ и Маркоска да кажат дека додека нивниот градоначалник раководел со општина Ѓорче Петров, се склучувале договори вредни и по 941.994 денари односно над 15 илјади евра за истата намена.

Со нив, се набавуваа од вотка, рум, узо, текили, жолти ракии, до разни видови вина и пива. Е ова класична злоупотреба на парите на ѓорчепетровци. Сите овие ставки се исфрлени, па благодарение на новото раководство на општината, повеќе нема да се набавува алкохол за правење фешти низ општината, туку само најнеопходни продукти за скромен пречек на гости. За чоколадите, ќе треба да го прашате вашиот градоначалник Александар Наумоски колку изел бидејќи ние не набавуваме, а чоколадни бомбони ќе ве послужиме ние за добредојде кога ќе дојдете со конструктивна критика или било какво решение за нашите жители.

 

СДСМ треба да каже и дека нивниот поранешен градоначалник Наумоски, се обиде да се гоштеваа по кафеани на општинска сметка и по неговото заминување. Фактурата дојде до општината и беше вратена затоа што нема повеќе да се плаќаат туѓи гоштевања од парите на ѓорчепетровци.

 

Исто така, СДСМ и Маркоска треба да се свесни и да им кажат на граѓаните дека по доаѓањето на новото раководство, веднаш се скратија сите непродуктивни трошоци кои нивниот поранешен градоначалник Наумоски си ги испланирал за патувања, цвеќиња, одржувања на возила.

 

Потенцираме, Општина Ѓорче Петров преку оглас склучи договор за набавка флаширани води, газирани и густи сокови, кафе, кафе и чаеви. Сумата од 6.000 евра која се споменува во јавноста не е потрошена, туку само на располагање доколку има потреба да се купат овие производи. Односно, истите нема да се исплатат на фирмите, ако нема потреба од овие продукти“.

Стојкоски се жали дека Општина Ѓорче Петров нема пари, а троши 6.000 евра за чоколади и сокови, истакна на денешната прес-конференција пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска.

Во време на енергетска криза градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски парите на граѓаните ги троши на непродуктивни трошоци. Преку два договори Општина Ѓорче Петров потрошила 354.000 денари или речиси 6.000 евра на чоколади, кроасани, сокови и чаеви. Додека Стојкоски се жали дека општината нема пари, тој средствата од буџетот на општината ги троши на сокови, чаеви и десерти. Едноставно, со Стојкоски се врати политиката „Немаме за леб а трошиме на чоколадо“ на Зоран Ставрески кој сега ја контролира работата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Стојкоски бара помош од Владата жалејќи се на високите трошоци за електрична енергија а троши 6.000 евра на непродуктивни трошоци“, вели Маркоска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.