Првиот човек на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски веќе цели две години не се појавува на седниците на Советот на општина Ѓорче Петров, а за неговиот мандат од четири години, присуствувал едвај десетина пати и тоа во првите две години, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Даниел Апостолоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Замислете, човекот кој треба да биде блиску до граѓаните и да ги решава нивните проблеми, не сака да дојде на седница на Советот каде советниците ги поставуваат своите советнички прашања, коишто се всушност секојдневни горливи проблеми на жителите на Ѓорче Петров. Наместо да дојде на седниците и да се соочи со вистинските и реални проблеми кои ги имаат ѓорчепетровци, Наумоски договара партиски состаноци низ населените места во населбата и заедно со неговите сопартијци се бодрат за незначајниот и смешен учинок кој го има како градоначалник на општината. Сепак, Наумоски треба да знае дека рејтингот не се создава преку ноќ и со лаги и манипулации, туку со макотрпна работа и посветеност, кои тој за четири години не ги демонстрираше. Токму затоа, на само 3 месеци од истекот на неговиот мандат, Наумоски се обидува да закрпи некоја дупка повеќе и да им вети на граѓаните брда и долини, се со цел да успее да се избори во партиските кругови за втор мандат, но повторувам, рејтингот не се создава во партиските седишта, туку помеѓу сите жители на Ѓорче Петров, а тие одамна го прочитаа и знаат дека е главниот виновник за четиригодишната стагнација на општината, вели Апостолоски.

Тој додава дека Наумоски можеби умешно успева да ги избегне советничките прашања и советниците од ВМРО-ДПМНЕ криејќи се по локалните меани заедно со неговите партиски пајташи, но во октомври ќе мора да излезе пред судот на народот и да се соочи со болната вистина дека ќе доживее страшен пораз.

-Уште само три месеци и општината ќе биде ослободена од овој неработник и главен поддржувач на урбаната мафија. Уште само три месеци и Наумоски ќе мора да се соочи со ѓорчепетровци, а потоа да одговара за сите криминали коишто тој ги направи во изминатите четири години, потенцира Апостолоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.