Во населбата Пролет во општина Центар ќе биде изградена нова детска градинка во склоп на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“.

Почетокот на изградбата ќе почне околу средината на јули, а градоначалникот на Општината Саша Богдановиќ, најави дека ова ќе биде најголемата градинка во државата.

Ова е нашиот предлог проект кој што е донесен по донесувањето на новиот детален урбанистички план „Пролет“, и е прва градинка во населбата Пролет, каде според стариот ДУП објектот на локалната самоуправа е заменет со намена детска градинка, што претходно беше предвидено да биде деловен објект – изјави денеска Бодановиќ.

Како што информира Богдановиќ, детската градинка ќе биде со подрум, приземје и еден кат со вкупна нето површина од 2.760 квадратни метри и најголема бруто површина за детска градинка во државата од 3.276 квадратни метри, односно по 21 квадратен метар за секое дете.

Капацитетот ќе биде 150 деца распоредени во девет занимални, ќе биде предвидена урбана опрема и ќе претставува урбана градинка со сандаци, со песок и земја и детски реквизити, лизгалки, лулашки и мостови.

Богдановиќ соопшти дека надворешното игралиште ќе биде инклузивно и до него ќе можат да пристапат и деца со попреченост во движење.

На надворешниот дел од фасадата предвидено е фасадно поставување на детска болдер карпа, каде што дечињата ќе можат да се качуваат. Концептот на истата градинка е да обезбеди акцент пред се да се стави во функција на децата за обезбедување на удобен простор за ран развој и игра на децата – додаде Богдановиќ.

како што потенцира тој, во предвиденото техничко решение посебно е внимавано и на тоа сите пристапи и влезови да бидат одделни.

Ќе има два главни влезови, за деца од 2 до 4 години и од 4 до 6 години, за родители и деца, административен влез за воспитувачи и администрација, влез за вработени во кујна и економски влез од подземен паркинг. Предвидена е изградба на галерија со сигурносна ограда и елементи и три дрвени куќички кои имаат улога на видиковец – додаде Богдановиќ.

Тој посочи дека долж галеријата се предвиудва изградба на тераса со дрвен под, обезбедена и осигурана за безбедно играње на децата. Во подрумскиот дел ќе е сместена централна кујна, која ќе е во функција само за потребите на градинката.

Градинката е во вредност од 133 милиони денари, без вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од Општина Центар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.