Со рецитирање на „Тешкото“ и „Везилка“ како стихови на еден од великаните на современата македонска историја, учениците од основното училиште „Блаже Конески“ денеска го отворија настанот кој се организира во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој со поддршка на УНЕСКО се одржува на 21 февруари секоја година.

На настанот свое обраќање имаше Градоначалникот Тимчо Муцунски, кој се заблагодари на учениците и наставниот кадар за придонесот кои тие го даваат за чување и негување на македонскиот јазик.

Јазикот е духовна татковина и комуникациски код, преку кој ја изразуваме својата посебност – почитта кон својот мајчин јазик е почит кон традицијата и кон предците што го зачувале јазикот. Преку јазикот, на автентичен начин им го пренесуваме на идните поколенија она што сме го наследиле од нашите предци. Оттука, борбата за јазикот и писменоста е борба за душата на народот, истакна Муцунски.

Освен Муцунски свои обраќања и посвети кон важноста од обележување на Денот на мајчиниот јазик имаа директорката на училиштето Виолета Ристовска, одделенскиот наставник и добитникот на наградата „13 ноември“ Јадранка Клисарова, Снежана Петрова Џамбазова од Институтот за македонски јазик и Татјана Димовска Атанасова од ARS Lamina.

Како дел од активностите за одбележување на Меѓународниот ден беа презентирани и наградените стихотворби напишани од учениците на општинскиот конкурс на темата „Јазикот на мојот дедо и прадедо“. Во стилот на Блаже Конески и другите македонски писатели, тие ги рецитираа творбите посветени на важноста од зачувувањето на писменоста, делата на нашите предци и посебноста на македонскиот јазик, народ и идентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.