Почитувани граѓани на Општина Аеродром, преку оваа денешна објава со сите вас го споделувам чувството на задоволство и радост за големата победа која ја извојувавме заедно и со силна верба во една поубава и просперитетна иднина, напиша предмалку кандидатот за градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски.

Посебно се заблагодарувам на моето политичко семејство ВМРО-ДПМНЕ за дадената доверба, на моето семејство, мојот тим, другари, пријатели, комшии, граѓаните на општина Аеродром и на целата моја татковина за нивните добронамерни совети, безрезервната поддршка и вербата во мене во текот на целата кампања. Во текот на изминатите дваесетина дена се обидував да внесам еден поинаков дух во водењето на политичката кампања, коректен и професионален однос кон политичките конкуренти и зголемен степен на внимание и почит кон граѓаните и нивните идеи и желба за промени.
Упатувам благодарност и кон другите кандидати и конкуренти во трката за градоначалник на општината Аеродром, за нивниот вложен труд во текот на кампањата, за активното учество во политичките дебати и понудените идеи и проекти. Како во текот на кампањата така и денес кон моите политички противници гледам здрава и силна конкуренција и натпреварувачи на кои заедничката цел им е обезбедување на поубав, поквалитетен и просперитетен живот во нашиот простор на заедничко живеење. Затоа, им посакувам успех во извршувањето на нивните сегашни и идни професионални задачи.
Во време на присутна пандемија, енергетска криза, почеток на нова економска и финансиска нестабилност, присутни секојдневни последици од климатските промени и пад на моралните вредности, од сите нас се очекува да покажеме вистинска волја и подготвеност за соочување со сите предизвици, но и поголема ангажираност и национално единство за ургентно решавање на сите прашања кои посредно или непосредно влијаат на веќе девастираниот стандард на нашите граѓаните. Токму во наведената насока овие избори граѓаните јасно покажаа дека е крајно време за ефикасни и квалитетни промени во нашето современо општество, но и дека е минато времето на лажни и неисполнети ветувања.
Почитувани мои сограѓани,
Вашата јасно изразена волја создава сериозна обврска за исполнување на вашите очекувања и реално остварување на заедничките високо поставени цели и задачи, порача Муцунски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.