Доколку куче-скитник ве брка, ве лае или ве нападне – молете се и да ве касне. Барем така испаѓа. Инаку, ќе нема каде да се пожалите или да го пријавите својот проблем.

Според полицискиот билтен, во Скопје секојдневно има барем по три пријави од граѓани кои биле искасани од уличните кучиња. Но, што е со оние кои го доживеале стресот кога куче ги брка, крвнички ги лае, трча по нив, нивниот велосипед, електричен тротинет, мотоцикл…но, за (не)среќа не се искасани?

Каде да се обратат тие за помош?

Откако во една недела добивме две поплаки од исплашени граѓани кои биле бркани од глутница на кучиња, постар читател кој бил нападнат на плоштадот Македонија, и девојка нападната во нејзиното маало во Карпош 1, овие прашања преку маил им ги поставивме во Град Скопје. Но, оттаму не добивме одговори, туку веќе видено соопштение дека стационарот „Вардариште“ ќе прејде од надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“.

Со други зборови, дотогаш нема служба каде што може да го пријавите овој проблем.

Во име на исплашените граѓани се јавивме на бројот на стационарот „Вардариште“, кој не работеше. Потоа, се јавивме во службата за информации на Град Скопје, за да прашаме каде треба да пријавиме. Од тука нè упатија до дежурната комунална служба, од каде, пак, ни кажаа дека тоа не е местото каде што можат да ни помогнат, туку дека ваквите инциденти треба да се пријават во Вардариште на бројот 02/ 521 71 71. Тоа е истиот број што постои на интернет, каде веќе се јавивме и кој беше недостапен. Кога повторно ја побаравме комуналната служба ни кажаа дека тоа е единствениот број што го поседуваат и да пробаме да се јавиме повторно попладне. Бројот, се разбира, и попладнето беше недостапен.

До Град Скопје преку мејл ги испративме следните прашања:

– Во која служба граѓаните треба да пријават напад од кучиња скитници, доколку се само нападнати, но не и каснати? (имајќи предвид дека и самиот напад е доволно стресно искуство без разлика за која возраст на човекот се работи)

– Кога наши читатели кои биле нападнати се јавиле во Град Скопје, биле упатени до дежурната комунална служба, од каде пак им кажале дека ваквите инциденти треба да ги пријават во Вардариште на бројот 02/ 521 71 71 и дека тоа е единствениот број што го поседуваат. Дали Вардариште воопшто работи? Доколку работи, зошто овој број е недостапен? Доколку овој број е недостапен, а Вардариште не работи, кој треба да е следниот чекор на граѓанинот?

– До каде е новото ЈП Лајка?

Од таму ни беше одговорено:

Изминатиов период стационарот „Вардариште“ прејде од надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“ кое под своја надлежност во целост ќе ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани. Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните. Во вторник на седница на совет, на дневниот ред ќе се расправа за Одлуката за пренос на правото на управување, стопанисување и користење на целокупниот имот и средства на постојниот стационар Вардариште од ЈП Комунална хигиена Скопје на ЈП Лајка Скопје, со што целиот имот и опрема и официјално ќе прејдат во нејзино користење. Во однос на стационарот „Вардариште“, изминатиов период започна неговата целосна реконструкција на двата објекти, со демонтажа на веќе постојните метални боксови и елементи. Истите ќе бидат комплетно заменети со нови по современи стандарди во служба на основните потреби и благосостојба на бездомните животни кои ќе бидат дел од новата програма. Со неговата реконструкција и проширување, покрај подобрувањето на условите, ќе се зголеми капацитетот од 110 на 230 места за кучиња. Покрај подобрување на условите во стационарот, Град Скопје работи на целосно нов систем за работа со кучињата скитници, а воедно да се спречи механичкото зголемување на нивниот број преку спречување на т.н. „неодговорно сопствеништво“. Имено, Агенцијата за храна и ветерина во голема акција, заклучно 31.03.2019 година, исчипира бесплатно 32.000 животни и тоа ќе помогне во изработката на Регистарот на миленици. Целта на сите стационари е заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани, а не нивно трајно задржување.

Со други зборови, ако ве нападне, молете се и да ве касне. Во случај да ве касне улично куче, може да барате оштета од Град Скопје и „Комунална хигиена“.

Висината на отштетата е од 60.000 до 180.000 денари, во зависност од возраста, степенот на повредите, последиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.