Денеска во 17 часот пред Министерството за животна средина е закажан Маршот за чист воздух. Маршот ќе продолжи пред Собрание и Влада.

Ние, обединети граѓански активисти од Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Струмица, Ново Село, Струга, Охрид и други градови и населени места, кои застанавме зад организацијата на Марш за чист воздух – #ЗеленаРеволуција, бараме исполнување на барањата кои се плод на долгогодишна граѓанска активност и иницијативи за подобрување и решавање на многубројните проблеми со загадување и уништување на просторот во кој живееме во нашата земја, велат од граѓанските организации.

Барањата, сметаат тие, се остварливи, конкретни со рокови и одбрани по темелна анализа, затоа очекуваме посветеност и сериозно внимание за секое од нив.

Не прифаќаме одговори дека ќе или се работи, дека е долготраен процес, најмалку дека треба да имаме разбирање зошто процесот е комплексен, тоа го знаеме – затоа и го разделивме на конкретни активности и барања во секоја област. Несфатливо е одолговлекување на конкретни активности како носење на закони кои стојат готови и чекаат одлука, некои и по пет години, како Законот за почва на пример, се потенцира во соопштението од О2 Иницијатива.

За граѓанските организации е несфатливо кочењето на одредени активности заради нефункционалност на една или две алки во системот, несфатливо е неспроведување на актуелни закони од една или друга институција или причина.

Време е за радикални промени, за вистинска зелена револуција. Децениска негрижа, нема што не е загадено, девастирано, затруено. Доста ни е чекање, од година во година, бараме реализација, конкретна, брза.

Ако барањата не се исполнат, ќе повикаме на бојкот на изборите. Гласање за политичари кои нудат решенија само на хартија, а резултатите се сегашниве катастрофални состојби, не очекувајте!, велат од О2 иницијатива која обединува бројни организации кои се борат за здрава околина и чист воздух.

Маршот, посочуваат тие, е граѓански, мирен, натпартиски, мултикултурен и притоа се оградуваат од секакви политички влијанија. Секој е добредојден, велат организаторите, но без партиски обележја. Оваa заедничка платформа, највуваат граѓанските активисти, е само почеток и е производ на сите облици на граѓански активизам од годините наназад, поединечен или организиран, сплотен со младешката енергија на оние за кое ова го бараме, за нашата иднина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.