Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин и претседателот на Голф федерацијата на Македонија Наум Јанакиев, денеска потпишаа Меморандум за соработка. Со ова како што информираат од Општината се отвора патот за изградба на голф терени во руралниот дел од Општината.

Градоначалникот Златко Марин вели дека изградбата на голф терените ќе ја стави Општина Аеродром на мапата на светските дестинации за развивање на голф туризам по примерот на земјите од регионот

Потпишувањето на овој меморандум е од огромно значење за Општина Аеродром, затоа што отвора едно сосема ново поглавје во областа на спортот и популаризација на голфот во нашата држава. Интензивно ќе работиме на реализација на идејата за изградба на првите голф терени во нашата земја, изјави градоначалникот Златко Марин.

Општина Аеродром ги најави голф терените при презентацијата на проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се градат во руралниот дел на Општина Аеродром односно во селото Лисиче, ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а за нивна изградба и ставање во функција потребни се 2,5 милиони евра. Дел од средствата за овој проект ќе се обезбедат преку Европската унија преку грант за рурален туризам, а другиот дел ќе го бараат од домашни компании.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.