Ниту се испочитувани граѓаните, ниту стручноста за да се скокне во ваков кардинален проект кој ќе го промени ликот на градот засекогаш, смета режисерот Милчо Манчевски, кој упати остра критика кон проектот на Петре Шилегов за изградба на тунел под Кале и вијадукт кај Владата.

Според Манчевски начинот на кој проектот е нарачан не е демократски, ама поважно е дека со ова се зголемува сообраќајот низ центарот, се зголемува загадувањето и се уништува квалитетот на живот на граѓаните на општина Центар (бучава, загадување, итн).

Град Скопје распиша тендер за изработка главен проект за инфраструктурен коридор. Тоа нема врска со изработка на студија. Студија се прави за да се подготви програмата по која се разработува проект. Приватна фирма не прави студија, оти нејзините интереси се различни од јавните, особено ако фирмата е инженерска, затоа што во таков случај не се консултирани ниту архитекти, ниту урбанисти, а за еколози и граѓани ич муабет да не правиме.

 

Убаво би било да се направат и консултативни работилници како со Данците за Мал ринг (резултатите од тие работилнице сѐуште ги чекаме). Можат да се направат и јавни дискусии на кои навистина ќе има граѓани и граѓански здруженија. Ништо од тоа нема, нагласува режисерот.

Манчевски нагласува дека потребата да се прави вијадукт и да се дупчи тунел се базирани врз размислување старо половина век во кое колата е најважна, а пешакот споредна пречка.

Денес за градовите се размислува веќе поинаку. Колите не се пожелни во градските центри, им се одземаат ленти, се дестимулира сообраќајот, а се стимулира јавниот превоз, точаците, пешаците. Тоа од што денес страда Скопје бил проблем на Амстердам и Њујорк пред 40 години и го решиле на ваков начин, потенцира Манчевски.

Тој потсетува дека тунелот и вијадуктот се проекти кои се прават според ГУП кој е скоро со истечен рок.

Градоначалникот најави дека догодина ќе започне изработка на нов ГУП – и тоа е момент кога треба да се направат и студиите и проверките за сите постоечки сообраќајни коридори во Скопје со нови светски матрици на размислување. Можеби притоа – доколку навистина мора да се канат нови коли да возат низ срцето на градот – ќе се заклучи дека е подобро поврзувањето север-југ да оди покрај касарната Гоце Делчев и преку мостот кај Александар Палас, со проширување на некои делници, особено потегот од мостот до семафорите. Во тој случај не само што ќе се растерети строгиот центар, туку и градежните зафати ќе бидат многу помали и поефтини, вели Манчевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.