Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Успение на пресвета Богородица, еден од најголемите празници посветен на Мајката Божја. Скопјани традиционално на овој ден го посетуваат манастирот посветен на Успението на пресвета Богородица во Матка, каде оваа година одбележувањето ќе биде согласност мерките за заштита од корона вирусот.

По повод празникот, поглаварот на МПЦ – ОА г.г. Стефан ќе чиночалствува со Божествена литургија на која и претходеше бдение. По службата во дворот на манастирот ќе се одржи и традиционална крводарителска акција.

Прославата по повод празникот почна вчера попладне со вечерна богослужба во дворот на манастирот, на отворено.

Во манастирот ќе се влегува на предната врата, а од таму ќе се излегува на задниот влез. Секој посетител за да влезе ќе мора задолжително да носи маска. Исто така на влезот ќе се мери температура. Верниците и посетителите ќе мора да внимаваат и да одржуваат дистанца од 1,5 метар. Местата за стоење и за правец на движење во манастирот ќе бидат одбележани. На влезот и за време на задржување во манастирот е задолжителна дезинфекија на рацете, како за посетителите така и за оние што ќе бидат задолжени за организацијата на настанот.

Со оглед на законските правила и услови донесени од страна на Комисијата за заразни болести, нема да има служење на храна и пијалаци, како и културно-забавна програма. Предвидена е и надворешна продавница со манастирски производи и сувенири. На денот на празникот во дворот ќе има поставено и маса за осветување на славски колачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.