Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, го отфрла тврдењето дека Скопје редовно се наоѓа меѓу петте најзагадени градови во светот. Според него, мерењата од државниот мониторинг центар покажуваат дека во октомври, ноември и декември 2019 година, споредено со петте изминати години, имаме драстично помало загадување на воздухот. Тој ги смета за неточни податоците од мерењата на воздухот, кои често пати се појавуваат на социјалните мрежи, пренесува „Фокус“.

Сакам да укажам дека ние како и сите држави членки на Европската Унија, податоците и дефинирањето на политиката го правиме врз државниот мониторинг систем и инструментите што чинат многу пари. Креирајќи политика со „али експрес“ сензори може само да предизвика паника помеѓу граѓаните. Не велам дека нема загадување, но нема потреба да се прогласи алармантна состојба во градот. Оваа година не е загадено како другите години, бидејќи заеднички, координирано и благодарение на зголемената свесност на граѓаните и со активностите на централната и локалната власт имаме помалку објекти што загадуваат. И никаде во светот не постои друго решение за загадувањето на воздухот, освен со елиминирање на изворите на загадување, вели Макрадули.

Во врска со обвинувањата дека во Македонија се внесува опасен отпад, Макрадули ги демантира ваквите шпекулации.

Во Македонија постојат закони, земјава е дел од светски конвенции кои ги има ратификувано и каде тие работи се регулирани. Прво да правиме разлика дали зборуваме за отпад или за опасен отпад или за отпад што се согорува. Министерството за животна средина не издава дозволи за увоз на отпад, освен ако не станува збор за отпад кој може да се употребува за нешто, на пример железото се користи како суровина, а потоа се извезува во странство. Затоа сите дозволи коишто се дадени се согласно законите кои постојат во нашата држава, согласно светските стандарди – истакна Макрадули, и додаде дека не сака да верува во конспиративни теории.

Тој вели дека инспекциите се на терен, работат и царината и Министерството за внатрешни работи, но доколку има нерегуларности, постојат органи кои што тоа го санкционираат.

Како за пример, Европската комисија на 26 ноември на Бугарија и додели 98 милиони евра за изградба во Софија на капацитет кој што од алтернативно гориво ќе произведува електрична енергија. Мораме да веруваме на институциите, и третманот на отпад што го има и во Виена и во Љубљана да дојде и во нашиот двор. И ако тоа го прави цела Европа треба да покажеме европска свесност, и ние да влеземе во тој процес, дециден е заменик министерот за животна средина.

Во насока на намалување на аерозагадувањето Макрадули најави план за чист воздух „Јас не загадувам“, со кој како што рече, државните институции нема повеќе да загадуваат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.