Како криптовалутите влијаат на европскиот пазар, функционирањето на фармацевтскиот пазар, како да се реструктуира европската помош за земји во развој, инклузивност и нови модели на образование, се прашањата и темите на кои шеесетина средношколци од Македонија дебатираа и понудија конкретни решенија во улога на членови на Европскиот парламент.

Станува збор за симулација на работата на Европскиот парламент како дел од 12. национална сесија на „Модел европски парламент (МЕП) – Македонија“ која од 31 ноември до 2 декември се одржуваше во меѓународното училиште „Нова“. На оваа национална сесија учествуваа околу 60 средношколци од 11 средни училишта во земјава кои работеа во четири комитети со цел да напишат резолуција и да дадат свои мислења и решенија на некои од најактуелните теми во Европа во моментов.

Резолуциите на кои работеа средношколците беа разгледувани на Генералното собрание на МЕП што се одржа на 2 декември во Советот на Град Скопје. На овој настан присуствуваа и германскиот амбасадор во Македонија, Н.Е. Томас Герберих и директорот на меѓународното училиште „Нова“, Виктор Новаковски кои пред средношколците ја потенцираа важноста од организацијата на вакви настани во време кога дополнителната едукација за и нејзиното функционирање е неопходна.

МЕП претставува платформа за неформална едукација на ученици од средните училишта. Главната цел е преку симулација на работата на Европскиот парламент, учениците да се запознаат со легислативниот процес на Европската Унија, европската интеграција, функционирањето на институциите, законите што се носат и нивното влијание.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.